Иран повторно нападна американска база во Бахреин, третпат за пет дена

Макфакс

17/11/2026

13:30

74

Големина на фонт

а а а

Иран повторно изврши напад со беспилотни летала врз американска воена база во Бахреин, во услови на зголемени тензии на Блискиот Исток. Нападите се одвиваат во критично време за дипломатските преговори и меѓународните односи во регионот.

Иран денеска ја презеде одговорноста за нов напад со беспилотни летала врз американска воена база во Бахреин, трет во последните пет дена, во услови на повторно зголемување на тензиите на Блискиот Исток.

Иранската револуционерна гарда соопшти дека ја нападнала американската база „Шеик Иса“ како одговор на, како што наведе, „честите американски нарушувања на иранскиот воздушен простор со воени беспилотни летала“.

Сепак, америкаснката војска ги демантираше иранските тврдења дека бил погоден воен радарски систем во базата.

„Повеќе ирански нападни беспилотни летала беа пресретнати без никаква штета на американската опрема или повреди на американскиот персонал“, соопшти Централната команда на американската војска (ЦЕНТКОМ).

Властите во Бахреин исто така потврдија дека сите три напади, извршени во петокот, неделата и вторникот, биле успешно пресретнати.

Нападите доаѓаат во време на застој во дипломатските преговори и продолжени тензии околу Ормускиот Теснец, каде што поморскиот сообраќај останува значително отежнат.

Во меѓувреме, американската војска соопшти дека на Блискиот Исток е оперативен и трет носач на авиони, „Теодор Рузвелт“.

Според Белата куќа, војната ќе биде една од темите на овонеделниот трилатерален самит во Кина, на кој треба да учествуваат американскиот претседател Доналд Трамп, кинескиот претседател Ши Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин.