Државниот јавен обвинител Ненад Савески изјави дека одлуката за конечната правна квалификација на делото ќе биде донесена откако ќе се разгледаат доказите.
Кристијан Корабоски (31), осомничен за нападот врз 26-годишната Сара од Охрид, повторно е приведен и се наоѓа во охридската полициска станица. Според информациите од СВР Охрид, во случајот се појавиле нови околности. Засега не е соопштено што довело до повторното приведување и дали Обвинителството ќе побара притвор.

СВР Охрид претходно поднесе кривична пријава за тешка телесна повреда, откако Сара пријавила дека за време на викендот била физички нападната и исфрлена од автомобил пред супермаркет. По барање на Обвинителството, судот му определи мерки на претпазливост: забрана да ѝ се приближува на помалку од 50 метри, одземање на пасошот и обврска да се јавува во судот секој втор понеделник.

Одлуката за мерките предизвика реакции во јавноста, а семејството на Сара јавно побара институциите да ги испитаат и околностите по нападот. Нејзината мајка во објава изнесе наводи дека телефонот на Сара бил намерно искршен за да не може да повика помош и дека осомничениот, додека девојката била во беспомошна состојба, побарал совет од својот татко како да постапи. Овие наводи засега не се официјално потврдени.

Државниот јавен обвинител Ненад Савески изјави дека одлуката за конечната правна квалификација на делото ќе биде донесена откако ќе се разгледаат доказите.








