Еден од најдобрите фудбалери во светот има седум „ѕверки“ во гаражата, но нема возачка: Белингем откри зошто

Точка

16/11/2026

16:33

876

Големина на фонт

а а а

Џуд Белингем може да се пофали со возен парк на кој би му позавиделе и љубителите на најскапите автомобили. Но има еден проблем: фудбалерот на Реал Мадрид сè уште нема положено возачки испит.

Иако поседува седум луксузни возила чија вкупна вредност се проценува на повеќе од 1,2 милиони евра, англискиот репрезентативец не може самиот да ги вози.

Белингем зборуваше за тоа во интервју за „Calvin Klein“, во кое откри дека уште на 17 години планирал да полага за возачка дозвола. Сепак, преселбата во Германија, каде што заигра за Борусија Дортмунд, му ги одложила плановите.

„Мислев дека на 17 години ќе положам за возачка дозвола за два месеца. Потоа заминав во Германија … Иако, тоа се само изговори“, призна фудбалерот.

Ниту промената на средината не му помогнала да го реши проблемот. Се обидел да научи да вози и во Германија и во Шпанија, но ниту еден обид не завршил успешно. Во Германија тешко се снаоѓал со сообраќајните знаци, а часот по возење во Шпанија, како што самиот раскажа, не завршил добро.

„Изгледа дека цел живот ќе бидам принцеза на совозачкото седиште. Зошто да не?“, се пошегува Белингем.

Додека да положи, за да стигне на тренинзите и да ги заврши другите обврски, се потпира на помошта од најблиските. Најчесто го возат мајка му, други членови на семејството или соиграчите, а понекогаш користи и такси.


Дел од неговата колекција се и автомобилите што фудбалерите на Реал Мадрид ги добиваат благодарение на спонзорскиот договор на клубот со „BMW“. Белингем, сепак, засега може да ужива во нив само од совозачкото седиште.

Меѓу седумте автомобили што ги поседува се „Mercedes-Benz GLE Coupé“, „Range Rover Autobiography LWB“, „Mercedes-AMG G 63“, „BMW i7 xDrive“, „BMW XM Label“, „Lamborghini Urus Performante“ и „BMW iX M60“.


Англискиот фудбалер призна и дека професионалниот спорт му остава малку време за да совлада некои секојдневни вештини. Освен што не вози, вели дека не знае ниту да готви.

„Добар сум во она што го работам, но во сè друго не сум баш толку добар. Секој ден работам напорно, а кога ќе се вратам дома, сфаќам дека не сум научил некои од најосновните работи. Затоа се потпирам на пријателите и на семејството“, објасни Белингем.