На падините на стрмна долина во југозападната турска провинција Мугла се наоѓа град во кој веќе цел еден век никој не живее. Кајакој (Kayaköy) има големо и величествено училиште, тесни улички што кривулесто се протегаат по падините, древна фонтана и цркви, од кои една, сместена на врвот на ридот, нуди поглед кон синото Егејско Море.
Но, улиците се празни, а куќите без покриви полека ги обраснува зеленило. Кајакој е вистински град на духовите, споменик замрзнат во времето и потсетник на мрачен период од турската историја.
Пред нешто повеќе од сто години, градот се викал Левиси и во него живееле најмалку 10.000 православни Грци. Многумина биле занаетчии и живееле мирно заедно со муслиманските турски земјоделци од околината.

Овој соживот се распаднал за време на превирањата што го придружувале создавањето на независната Република Турција.
По грчко-турската војна во 1922 година, двете земји меѓусебно го протерале населението поврзано со спротивната страна. За Кајакој, тоа значело присилна размена на населението со муслимани од Кавала, град во северниот дел на денешна Грција.
Меѓутоа, новите жители не успеале да се приспособат на новиот дом. Набрзо се иселиле, а градот бил препуштен на пропаѓање.
Меѓу ретките кои останале биле бабата и дедото на Ајсун Екиз. Нејзиното семејство денес води мал ресторан во близина на главниот влез во градот, а таа им продава рачно изработен накит на туристите.
Приказните за тие тешки години во семејството се пренесуваат од генерација на генерација.
„Баба ми и дедо ми ми раскажуваа дека Грците плачеле бидејќи не сакале да заминат. Некои дури ги оставиле своите деца кај турските пријатели да ги чуваат, бидејќи мислеле дека ќе се вратат. Но, никогаш не се вратиле“, раскажала Екиз, пишува „Си-ен-ен“.

Нејзините предци биле овчари и лесно се приспособиле на животот на периферијата на градот. Меѓутоа, како што рекла таа, на повеќето други доселеници не им се допаднал Кајакој, меѓу другото и поради ѕидовите на куќите обоени во сина боја. Се верувало дека оваа боја ги одбива скорпиите и змиите.
Траги од сината боја и денес можат да се забележат на ѕидовите на околу 2.500 куќи, иако од останатите украси, по децении изложеност на временските услови, останало многу малку.

Џејн Акатај, коавторка на туристички водич за Кајакој, смета дека луѓето ги одвраќала и тагата што се надвиснала над градот по трагичните настани од 1920-тите години.
Останатото го направила природата.
„Имаше земјотреси и бури. Климата, временските услови, дождовите – сето тоа влијаеше врз ова необично место. Со текот на годините се распадна и малтерот што ги држи ѕидовите, а кога никој не се грижи за нив, работите едноставно пропаѓаат“, објаснила таа.

Посетителите денес плаќаат влезница од три евра на мал киоск покрај главниот пат, а потоа пеш ги разгледуваат стрмните и нерамни улички.
Училиштето, црквите и фонтаната се означени со информативни табли. За разгледување на градот потребно е да се одвојат неколку часа.
Куќите се без покриви, а урнатите ѕидови се обраснати со вегетација. Некои од нив сè уште имаат зачувани цистерни, кои биле неопходни за складирање вода во градот што немал водоводна мрежа.

И покрај скромниот начин на живот, Кајакој бил релативно богат град. Екиз раскажала дека некогаш бил главен трговски центар во регионот, дури и поважен од блиското пристаниште Фетије, кое денес е развиен град и популарна туристичка дестинација.
Иако заедницата била многу поврзана, секоја двокатна куќа била изградена на внимателно одредено растојание од соседната.
„Сите куќи биле изградени така што ниту една не ѝ ја засенува сончевата светлина на другата“, објаснила Екиз.

Низ градот минуваат обележани планинарски патеки што водат од околните места, но во лавиринтот од улички лесно може да се изгубите.
Некои улички завршуваат како слепи улици, додека отворените врати и скалите на секој чекор ги мамат посетителите да истражуваат.
Сепак, поради дотраеноста и нестабилноста на градбите, посетителите се замолуваат да не влегуваат во нив.
Фото: Си-ен-ен










