Статијата ја прикажува контроверзната ситуација околу неизвршувањето на судските пресуди против јавните претпријатија во Македонија, каде претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, го одолговлекува разгледувањето на предметот што доведува до сомневање за коруптивна врска помеѓу него и премиерот Мицкоски.
„Европскиот суд за човекови права – Стразбур, со пресудата „АД Осигурителна полиса против Република Македонија“ од ноември 2025 година одлучи дека нашата држава, како тужена странка, со децении неоправдано и противправно ги привилегира државните неплаќачи – јавни органи, јавни претпријатија и општини со нивните институции, во процесот на извршување на правосилните судски пресуди!“ велат од партијата Левица.
„Европскиот суд утврди дека неизвршувањето на конечните и извршни пресуди во корист на граѓаните и компаниите од приватниот сектор – со досега акумулиран јавен долг кој изнесува околу 700 милиони евра – не може веќе да се толерира и да се оправдува со „комплексноста на буџетскиот систем“, затоа што тоа еклатантно го повредува владеењето на правото, правната сигурност на луѓето и мирното уживање на нивното загарантирано право на сопственост.
Но, претседателот на Уставниот суд и поранешен кабинетски советник на Ѓорге Иванов – вмровецот Дарко Костадиновски, упорно одбива да го стави на гласање на јавна седница предметот по иницијативата со кој се оспорува токму контроверзниот член 218 од Законот за извршување, иако претходно Судот донел решение за поведување на постапка за оцена на уставноста на законот!? Имено, Уставниот суд веќе констатирал дека тоа што јавните претпријатија се заштитени како бели мечки од присилно извршување на нивните сметки „изразува сомнеж за правна непредвидливост… воведувајќи генерална и нејасна законска забрана за извршување врз предмети и права, без притоа да се воспостават правни стандарди и да се прецизира кои се тие ствари и права кои се ‘неопходни’ за вршење на нивната дејност, т.е. задачи“, соопштуваат од партијата Левица.
„Значи, слично како и Врховниот суд на РМ, и Уставниот суд оправдано се посомневал во уставноста на вака утврдената оспорена норма, благодарение на која граѓаните и по 15 години не можат да си ги наплатат побарувањата од јавните претпријатија, кои се раководени од неспособните партиски кадри на ДПМНЕ или СДСМ. Да биде иронијата поголема, дури и самиот судија Дарко Костадиновски своевремено изјавуваше дека: – „Тие милионски евра долгови на јавните претпријатија се нечии пари. Тоа не се имагинарни или виртуелни пари, туку пари кој некој доверител ги побарува“! Но, по една од многуте недолични средби на Костадиновски со премиерот Христијан Мицкоски, истиот одеднаш магично ретерираше за 180 степени и значително го омекна во својот првичен став, велејќи: – „Па, видете, не може Уставниот суд да се однесува аутистично и јас лично, во никој случај, не би поддржал одлука што би довела до колапс и банкрот на државата“!?
Оттука, јавноста има право да го поставува легитимното прашање: Дали намерното чување на овој сензитивен предмет во фиоката на претседателот на Уставниот суд, кој треба да е првоповикан „чувар на Уставот“, е таен лукративен договор меѓу судијата Костадиновски и премиерот Мицкоски – првиот континуирано да го одолговлекува и да не го става на мериторно одлучување, а вториот за возврат на оваа коруптивна услуга – по завршување на мандатот како уставен судија – да му овозможи професорско место на еден државен универзитет, на катедра за кој тој нема соодветни научни квалификации?
Очекуваме одговори во разумен рок и од премиерот и од претседателот на Уставниот суд за ова скандалозно поигрување со јавното право и со правдата пред очите на стручната и лаичката јавност, а истовремено ја повикуваме и Државната комисија за спречување на корупцијата да отвори предмет за случајот по допрен глас“, се додава во соопштението на партијата Левица.
















