Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на Парискиот мировен форум 2026, оствари средба со претседателот на Република Литванија, Гитанас Науседа.
Таа го поздрави денешното отворање на нашата прва резидентна Амбасада во Вилнус и изрази очекување за продлабочување на македонско-литванската политичка, економска и институционална соработка.
Соговорниците разменија ставови за процесот на проширување на Европската Унија, состојбата во регионот на Западен Балкан, како и за македонските предизвици во пресрет на литванското претседавање со Советот на ЕУ од јануари 2027 година.
Тие се согласија дека реформите и Копенхашките критериуми се клучните параметри за членство во ЕУ на земјите-кандидатки и дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во процесот на проширување.
Претседателката посочи дека соседите може да имаат позитивна улога во европската интеграција на регионот, укажувајќи на примерот на скандинавските земји, кои целосно ги поддржаа балтичките држави пред нивното членство во Европската Унија во 2004 година.
Таа го информираше претседателот за македонските преземени чекори на патот кон ЕУ, како и за прашањата со коишто се соочува земјата, од добивањето на кандидатскиот статус во 2005 до денес.
Сиљановска-Давкова истакна дека продолжуваат македонските напори за конструктивен дијалог со соседна Бугарија, но нагласи дека за тоа е неопходно двете страни да пристапат кон процесот со добра волја.








