[ВИДЕО] Надмина 500 км/ч – ова е најбрзиот автомобил во светот!

Точка

07/11/2026

09:33

631

Големина на фонт

а а а

Електричниот хиперавтомобил „Yangwang U9 Xtreme“ достигна 503,17 км/ч во Абу Даби и стана првиот сериски автомобил што ја проби границата од 500 км/ч.

Со ова „BYD“ ги помести границите на електричните автомобили, а новиот резултат го надмина претходниот рекорд од 496,22 км/ч, кој истото возило го постави во Германија во септември 2025 година.

Рекордното возење се одржа на 1 ноември на патот Шеик Калифа бин Зајед во областа Ал Дафра во Абу Даби, а зад воланот повторно беше професионалниот возач Марк Басенг.

Само неколку дена пред рекордниот обид, за време на тестирање во Кина се случи тешка несреќа во која еден примерок од моделот „U9 Xtreme“ се преполови по удар во заштитните огради. Задниот дел на автомобилот и оската се одвоија, но возачот помина без потешки повреди.

Успехот во Абу Даби му донесе на моделот „U9 Xtreme“ четири Гинисови светски рекорди, меѓу кои за најбрз сериски автомобил и најбрз сериски електричен автомобил. Достигнувањето го призна и Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА).


Пробивањето на границата од 500 км/ч со децении претставува еден од најголемите предизвици за автомобилската индустрија. „Yangwang“ успеа да го оствари тоа со комбинација од четири електромотори, напредна батериска технологија и софистицирани системи за контрола на возилото.

Извршната потпретседателка на „BYD“, Стела Ли, го пофали инженерскиот тим што стои зад проектот, нагласувајќи дека развојот не запрел ниту по претходниот рекорд. Новиот резултат претставува важен чекор за амбициите на кинескиот производител во сегментот на електрични хиперавтомобили.