Папата Лав XIV денеска во Апостолската палата во Ватикан го прими американскиот кантавтор и поет Боб Дилан, добитник на Нобеловата награда за литература, кој престојува во Рим во рамките на италијанскиот дел од својата концертна турнеја „Rough and Rowdy Ways“.
Средбата поминала во краток и срдечен разговор, со размена на поздрави и неколку неформални забелешки, а Дилан за време на приемот носел црн дуксер со качулка, пренесува „Vatican News“.

Папата Лав XIV претходно цитираше стихови од Дилан во предговорот на книгата „Разоружаните и оние што разоружуваат: Мирот е дар“, објавена од Ватиканската издавачка куќа, предупредувајќи на опасноста од глобалното вооружување и нуклеарното оружје.
Станува збор за стихови од песната „Go Away You Bomb“, која Дилан ја напишал во 1963 година, во времето на Студената војна. Песната никогаш официјално не била снимена ниту објавена на некој од неговите албуми, а оригиналниот ракопис бил откриен во 2013 година.

Дилан се сретнал со еден поглавар на Римокатоличката црква и во 1997 година, кога настапил на Националниот евхаристиски конгрес во Болоња, пред папата Јован Павле II и околу 300.000 млади луѓе.
Тогаш извел неколку од своите познати песни, меѓу кои и „Knockin’ on Heaven’s Door“, а папата Јован Павле II во своето обраќање до младите цитирал стихови од неговата песна „Blowin’ in the Wind“, зборувајќи за човечкото достоинство и патот на верата.

Дилан, кој има 85 години, утре ќе одржи концерт во римската сала „Palazzo dello Sport“, во рамките на турнејата што опфаќа и настапи во Милано и Болоња.







