Квентин Тарантино призна дека мислел на Бред Пит кога одлучил да не го режира продолжението на филмот „Once Upon a Time in Hollywood“, иако го напишал сценариото за него.
Пит за улогата на каскадерот Клиф Бут во филмот од 2019 година ја освои наградата Оскар за најдобар спореден актер, а, како што пренесува „Variety“, сакал да ја продолжи приказната за тој лик.
Тарантино го напиша сценариото за филмот на „Netflix“, „The Further Mis-Adventures of Cliff Booth“, кој на 25 ноември пристигнува во кината, но одлучи дека тоа нема да биде неговиот десетти и последен филм како режисер.
„Бред беше оној за кого имав чувство дека сум го разочарал... Ми беше жал поради тоа“, изјави Тарантино во интервју за списанието „Empire“.
Се плашел да не го одврати Финчер
Пит бил разочаран што повеќе нема да го игра Клиф Бут, па проектот го презел Дејвид Финчер, кој претходно ги режираше филмовите „Se7en“, „Fight Club“ и „The Curious Case of Benjamin Button“, во кои глуми Бред Пит.
„Не можев да им поверувам на сопствените уши. Помислив: ‘Навистина? Мислиш дека тоа би го интересирало? Се разбира, покажи му го’“, рече Тарантино, опишувајќи го моментот кога слушнал дека Финчер би можел да биде заинтересиран.

Тој додаде дека се плашел да не го одврати Финчер со своето воодушевување. Во првичните разговори, како што сликовито опишал, се чувствувал како маж кој се обидува да освои преубава жена и внимавал да не каже нешто со што би можел да уништи сè.
„Една од причините поради кои сето ова успеа беше моето воодушевување од фактот што Дејвид работи на мојот материјал. Како сценарист добив многу почит, но и понатаму чувствувам дека луѓето мислат оти сум режисер кој пишува дела само за себе. Тоа што режисер од калибарот на Дејвид би посветил година и пол од својот живот работејќи на мојот материјал беше прекрасно. Тоа кажува многу за она што беше напишано на хартија“, рече тој.
Пит го познава ликот подобро од сите
Дејството на филмот „Once Upon a Time in Hollywood“ е сместено во 1969 година, а продолжението се случува во 1977 година, кога Бут работи во Холивуд како „фиксер“ за едно филмско студио.

„Тој целосно се внесе во тоа. За мене, најнеобичниот и најинтересниот дел од сето ова е што никогаш претходно не сум се нашол во ситуација во која личноста што го игра ликот знае за него повеќе отколку што вие некогаш ќе знаете. Понекогаш мора да се спротивставите на тоа. Јас го знаев новиот материјал, а Бред знаеше кој е тој лик, па можеше да издржи ураган од прашања: ‘А што со ова? А што со она?’. Тој велеше: ‘Не, не, не. Јас ова го имам под контрола’“, изјави Финчер за Пит во истото интервју.













