Дата-центрите стануваат сè понепопуларни меѓу Американците, а „OpenAI“ има идеја како да го подобри нивниот имиџ: со промена на називот. Компанијата што стои зад „ChatGPT“ сака огромните објекти наменети за работа на AI-системите во иднина да се нарекуваат „compute campuses“, односно компјутерски кампуси.
Портпарол на „OpenAI“ за „Business Insider“ потврди дека новиот назив, според компанијата, подобро ги опишува размерите и улогата на инфраструктурата што ја гради. Како што објаснил, станува збор за долгорочни вложувања во компјутерски капацитети, енергетска инфраструктура и работни места за стручен кадар.
Сепак, промената на терминологијата доаѓа во време кога сè повеќе американски локални заедници се противат на изградбата на нови дата-центри. Жителите се жалат на големата потрошувачка на електрична енергија и вода, бучавата и можното зголемување на животните трошоци, додека некои стравуваат и од негативно влијание врз вредноста на нивните недвижности.

Проблемот е толку изразен што технолошките компании се обидуваат да го придобијат локалното население со финансиски стимулации и вложувања во заедниците. Сепак, ниту таквите понуди не успеваат секогаш да ги убедат граѓаните да ја прифатат изградбата на нови објекти.
„OpenAI“ тврди дека сака локалните заедници да учествуваат во обликувањето на овие проекти и да имаат корист од нивниот развој. Компанијата ја претстави и програмата „Grid Protectors“, со која планира да ја приспособува потрошувачката на енергија на идните кампуси кога електроенергетската мрежа е под големо оптоварување.

Промената на називот се вклопува и во поширокиот тренд на поинакво претставување на AI-технологијата. Американскиот претседател Доналд Трамп во септември потпиша извршна уредба со која на сојузните институции им беше наложено во официјалната комуникација да го користат изразот „superintelligence“ наместо „artificial intelligence“.
Засега не е јасно дали називот „compute campuses“ ќе заживее надвор од „OpenAI“. Едно, сепак, е сигурно: поинаквото име само по себе нема да ја намали потрошувачката на струја и вода, ниту да ги реши проблемите поради кои жителите се противат на дата-центрите.













