Фински научници открија како 30 минути поминати во сауна го менуваат нашиот имунитет

Точка

02/11/2026

16:02

466

Големина на фонт

а а а

Некои луѓе се колнат во престојот во сауна. Тврдат дека седењето и потењето во жешка просторија ги „подмладуваат“. Сепак, со оглед на популарноста на овој тренд, научните докази што би го поткрепиле тоа чувство се изненадувачки ретки.

Истражувачи во Финска сега пронајдоа докази дека дури и еден единствен престој во сауна може непосредно да влијае врз имунолошкиот систем на клеточно ниво.

Во еден помал експеримент, само 30 минути поминати во финска сауна – која подразбира висока, но сува топлина – довеле до значително зголемување на бројот на бели крвни зрнца во крвотокот. Овие клучни имунолошки клетки помагаат во одбраната на организмот од патогени, а нивниот број често расте и по физичка активност. Самото седење во сауна би можело да поттикне слична реакција на стрес, што би можело да биде корисно за имунолошкиот систем. Резултатите се објавени во списанието „Temperature“.


30 минути сауна + туширање со студена вода

„Ова би можело да укажува дека престојот во сауна мобилизира дополнителни бели крвни зрнца од ткивата во крвотокот, од каде што по завршувањето на сесијата повторно се враќаат во ткивата“, претпоставува Илка Хеинонен, научник што се занимава со физиологијата на вежбањето на Универзитетот во Турку, Финска. „Ваквото периодично ослободување бели крвни зрнца во крвотокот е корисно, бидејќи штом ги напуштат местата каде што се складирани, тие се поспособни да патролираат низ телото и да реагираат на присуството на патогени.“

Во овој експеримент, 51 маж и жена на средна возраст учествувале во сесија во традиционална финска сауна. Тоа подразбирало престој во просторија загреана на околу 73 Целзиусови степени во траење од 30 минути, со студен туш на половина од тоа време. Непосредно по сесијата, во крвта на учесниците била забележана мобилизација на поголем број бели крвни зрнца во споредба со состојбата пред влегувањето во сауната. Тоа вклучува зголемување на бројот на неутрофили – клетки што први реагираат на закана – и лимфоцити, кои помагаат во создавањето имунолошка меморија. Забележано било и зголемување на вкупниот број моноцити, кои ги проголтуваат патогените и клеточните остатоци, како и на еозинофилите и базофилите, поврзани со воспалителните реакции.


Од друга страна, нивоата на имунолошките сигнални протеини, познати како цитокини, во просек останале речиси непроменети, иако кај некои бил забележан пораст со зголемувањето на телесната температура. Меѓутоа, триесет минути по излегувањето од сауната, овој нагол имунолошки одговор главно се намалил. Повеќето бели крвни зрнца се вратиле на претходното ниво, додека бројот на моноцити останал малку покачен. Истражувачите ја анализирале крвната слика на учесниците само до 30 минути по престојот во сауна, па останува нејасно како би можеле да се менуваат нивните имунолошки клетки во подолг временски период и како тоа би можело да влијае врз ризикот од заболување.

Сепак, некои претходни набљудувачки студии покажале дека честото користење сауна е поврзано со помал ризик од одредени заболувања, како воспаление на белите дробови. Освен тоа, други истражувања покажале дека изложувањето на топлина може да го намали крвниот притисок и значително да го зголеми бројот на црвени крвни зрнца што пренесуваат кислород. Се чини дека изложувањето на топлина предизвикува физиолошки реакции слични на оние што се јавуваат при физичка активност, а тие кардиоваскуларни ефекти се поврзани со подобрена функција на имунолошкиот систем. Сепак, интензивната физичка активност може да има и спротивен ефект – привремено да го ослаби имунолошкиот систем – па затоа е потребна претпазливост. Екстремната топлина не е за шега.


Природни клетки убијци

И покрај сè поголемиот глобален интерес за терапијата со топлина и студ, научниците сè уште знаат изненадувачки малку за тоа како телото се справува со екстремните температури и што значи тоа за нашето краткорочно или долгорочно здравје. Неодамнешниот експеримент спроведен во Финска дава ограничени информации. Истражувачите не мереле специфични подгрупи на имунолошки клетки, како Т-клетките или клетките убијци, таканаречени „natural killer“ клетки, што би можело да овозможи подобар увид во тоа како сауната навистина влијае врз функцијата на имунолошкиот систем.

На пример, студија од 2023 година покажала дека престојот во финска сауна доведува до промени во Т-клетките и клетките убијци, но само кога престојот во сауна се повторувал. Освен тоа, влијанието се разликувало во зависност од тоа дали учесниците биле искусни корисници на сауна или не. Во тој експеримент, честото изложување на сауна го зголемило бројот на бели крвни зрнца кај искусните корисници, додека кај оние што не биле навикнати на сауна дошло до намалување на одредени Т-клетки. Сепак, таа студија опфатила само здрави млади мажи, што ја ограничува можноста овие резултати да се применат на пошироката популација.

Засега можеме да кажеме само дека сè повеќе докази укажуваат оти изложувањето на топлина може да предизвика привремени промени во имунолошките клетки. Сè друго е само претпоставка. Исто така, треба да се има предвид дека, исто како терапијата со студ, и терапијата со топлина може да носи одредени ризици …