Тунели, светлина и пространи ходници: научници истражувале што доживуваат луѓето пред смртта

Точка

02/11/2026

14:20

915

Големина на фонт

а а а

Учесниците со цртежи ги реконструирале сцените што ги паметат, а научниците забележале повторливи геометриски форми и разлики во доживувањето на боите.

Истражувањето кое опфати 50 лица кои се нашле на работ на смртта покажува дека на поголемиот дел од нив во тие моменти им се привидувале пространи и светлечки простори, закривени хоризонти или чувство на опкруженост со светлина.

Истражувачката на неврофеноменологијата, Франс Лернер од Универзитетот во Хаифа во Израел и нејзините колеги сакале да му пристапат на ова прашање визуелно, бидејќи сметале дека на тој начин ќе откријат обрасци што зборовите не можат да ги доловат, пренесе денеска порталот „Сајенс алерт“ (ScienceAlert).


На учесниците им било кажано на цртежот да го претстават обликот на просторот на кој се сеќаваат дека го преживеале и да опишат каде се перципирале себеси во тој простор, како се движеле низ него и на кои бои се сеќаваат.

Истражувачите потоа составиле база на податоци од овие реконструкции и ги споредиле, барајќи сличности во геометријата на просторот. Утврдено е дека често се повторуваат конусни простори, кои го вклучувале познатиот тунел, како и широки закривени простори како лакови.


Учесниците често цртале и простори кои делувале како целосно да го опкружуваат набљудувачот, како што се внатрешноста на сфера или овал. Од 28 конусни простори што учесниците ги реконструирале, 22 биле во црна, бела, сива боја или светлина без препознатлива нијанса. Од друга страна, 27 од 31 широк закривен простор биле перципирани во боја.


Според Лернер и нејзините колеги, неврологијата и истражувањата на перцепцијата веќе документирале некои слични визуелни односи.

Еден пример е таканаречениот тунелски вид, кој може да се појави кога протокот на кислород до мрежницата или мозокот е нарушен, со што се стеснува видното поле. Според нејзините зборови, превласта на црната, белата и сивата боја во просторите што потсетуваат на тунели има научно објаснување поврзано со човечкиот вид.


Во услови на слабо осветлување, нашите очи стануваат помалку чувствителни на бои додека клетките чувствителни на светлина, кои се задолжени за гледање во темнина, ја преземаат функцијата. Иако истражувачите претходно идентификувале повторливи карактеристики кај лицата кои доживееле клиничка смрт, како што се тунели и светла, малку внимание било посветено на просторната структура на овие искуства или на начинот на кој луѓето се перципираат себеси додека се движат низ нив.