Путин гради шпионски ѕвер на границата со НАТО: Би можел да ја надгледува речиси цела Европа

Точка

01/11/2026

17:05

1.957

Големина на фонт

а а а

Русија е пред завршување на изградбата на огромен радарски комплекс во Калининград, руска ексклава на брегот на Балтичкото Море, каде што Москва веќе има силно воено присуство.

Според медиумските извештаи, новиот систем би можел да им овозможи на руските сили да надгледуваат речиси цела Европа, пишува „Дојче веле“ (ДВ).

Сателитските снимки откриваат необична градба со три краци, од кои секој е подолг од 500 метри. Таа се наоѓа среде шумско подрачје, а нејзиниот облик, гледан од воздух, потсетува на огромна платформа или трага од некаков необичен објект.

Станува збор за радарски систем за надзор надвор од хоризонтот (ОТХ), кој се гради во близина на Гвардејск. Според проценката на безбедносниот аналитичар и поранешен литвански воен командант Вајдотас Малињонис, неговиот досег би можел да достигне околу 3.000 километри.


Тоа би ѝ овозможило на Москва да следи голем дел од европската територија, вклучително и цела Украина.

Ваквите радари можат да следат цели дури и зад закривеноста на Земјата, а според достапните извештаи, новиот систем би можел да овозможи и пресретнување на сателитски комуникации, како и откривање на движењето на авиони и балистички ракети.

„Целта и намената на овој радар е да набљудува цели на големи растојанија и да овозможи рано предупредување. Сè уште не знаеме дали е оперативно способен да ги извршува тие задачи, но сигурно е дека во моментов се гради“, изјавил Малињонис за „Дојче веле“.

Калининград станува центар за електронско војување

Според пишувањето на британскиот весник „Тајмс“, системите првенствено се наменети за откривање и попречување на електронски сигнали. Весникот притоа се повикува на финско-полската компанија за вселенска и одбранбена технологија „ICEYE“.

Малињонис смета дека радарот би можел да се користи и за офанзивни цели.

„Би можеле да го користат во офанзивни операции за да соберат повеќе информации за одредени цели“, објаснил тој.

Како што додал тој, раното предупредување за движењето на силите на НАТО, би можело да ѝ обезбеди на Русија повеќе време за донесување одлуки во случај на евентуален напад врз источното крило на Алијансата.


Според проценката на компанијата „ICEYE“, проширувањето на рускиот систем за надзор надвор од хоризонтот покажува дека Калининград се развива во центар за напредни воени сензори и технологии за електронско војување.

„Новиот радар укажува на засилување на натпреварот меѓу Русија и НАТО за воена надмоќ и контрола врз регионот на Калининград“, предупредила латвиската геополитичка аналитичарка Евија Дјатковица.

Ваквиот развој на настаните би можел дополнително да ги зголеми тензиите во регионот.

„Ова е потенцијално опасна ситуација, бидејќи може да се очекува дополнително зајакнување на военото присуство на двете страни, а во одреден момент превентивен напад би можел да стане опција за да се спречи другата страна да стекне неприфатлива предност во регионот“, истакнала Дјатковица.

Руска воена база меѓу Полска и Литванија

Калининград е руска ексклава на Балтичкото Море, сместена меѓу членките на НАТО, Полска и Литванија. Поради својата географска положба и воена инфраструктура, претставува едно од стратешки најчувствителните подрачја во односите меѓу Русија и Западот.

Москва веќе предупредуваше дека би била подготвена да употреби нуклеарно оружје доколку НАТО се обиде да ја блокира оваа руска територија.

Калининградската област е најмалата федерална единица на Русија, која се протега околу 200 километри од исток кон запад и 100 километри од север кон југ. Сепак, нејзината големина не ја одразува воената моќ со која располага.


„Според некои извори, Русија има можност во Калининград да распореди до 100 нуклеарни боеви глави. Одредени извори наведуваат дека нивното распоредување таму веќе започнало, иако тоа сè уште не е потврдено“, изјавил Малињонис.

Сателитските снимки укажуваат и на дополнително зајакнување на воените капацитети. Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ) објави дека на воениот аеродром Калининград-Чкаловск се изградени нови засолништа за борбени авиони.

На други снимки се гледаат и лансирни платформи на мобилниот противвоздушен систем С-400 во Балтијск, што би можело да укажува дека системите веќе се оперативни.

„Овие фактори јасно го покажуваат стратешкото значење на територијата околу Калининград и за Русија и за НАТО“, истакнала Дјатковица.

Како што додала географската положба на ексклавата и нуклеарниот арсенал што се наоѓа таму ѝ овозможуваат на Русија да упатува закани кон повеќето европски главни градови.

Западот одговара со зајакнување на воените капацитети

Дјатковица смета дека руското зајакнување на воените капацитети треба да ги поттикне европските земји и НАТО на дополнителни инвестиции во одбраната.

„Злонамерните сигнали од Русија треба да го поттикнат Западот да продолжи со зајакнувањето на своите воени капацитети, што, пак, ќе го направи заедничкото одвраќање на НАТО и Европа поуверливо“, рекла Дјатковица.

Еден од одговорите доаѓа од Германија. Производителот на оружје „Рајнметал“, во соработка со компанијата „ICEYE“, развива сателити опремени со радар со синтетичка апертура (САР).


Оваа технологија овозможува создавање прецизни снимки од движењето на воените единици и позициите на непријателските сили, дури и во текот на ноќта и при неповолни временски услови.

Сателитите би требало да се користат на источното крило на НАТО, но и во рамки на бригадата на Бундесверот распоредена во Литванија. Првите сателити се очекува да бидат лансирани со ракета на „Спејс Икс“ на почетокот на 2027 година.

Малињонис истакнал дека приспособувањето е клучна лекција што европските лидери мора да ја научат во услови на руска агресија. Сепак, тој предупредил и на една слабост на новиот руски радарски систем.

„Постои една слабост на овој нов руски радар. Толку е огромен што претставува прилично лесна цел“, заклучил тој.