„Макфест“ во знакот на големите музички имиња: Шест композиции од првата вечер обезбедија пласман, вечерва на сцената се враќаат големите македонски имиња

Точка

31/10/2026

14:29

75

Големина на фонт

а а а

По успешната прва фестивалска вечер, исполнета со нови музички композиции, одлични вокални изведби и позитивни реакции од публиката, медиумите и присутните, 41. издание на „Макфест“ продолжува вечерва со уште побогата и разновидна музичка програма.

Штип повторно ќе биде центарот на македонската музичка сцена, а втората фестивалска вечер носи вистински музички спектакл, со настапи на добро познати и звучни имиња, дел од нив по подолг период повторно на сцената на фестивалот што со децении создава и чува музички вредности.


Од првата вечер, шест композиции обезбедија пласман во финалната фестивалска вечер, врз основа на гласовите од публиката во салата и оценувањето на стручната жири-комисија. Место во продолжението на фестивалската приказна добија „Арте-Факт“, Тамара Грујеска, Елена Наумова, Теа Златева, Анастаcија Спасевска и Драгана Јовановска, кои уште еднаш ќе имаат можност да ги претстават своите композиции пред македонската публика.


Уметничкиот директор на „Макфест“, Роберт Саздов, на денешната прес-конференција истакна дека првата вечер помина успешно, а организаторите се подготвени за уште едно извонредно фестивалско доживување. Вечерва публиката ќе проследи вкупно 18 композиции, од кои шест се избраните од првата вечер, додека останатите 12 се нови песни, подготвени специјално за оваа фестивалска програма.


Она што ѝ дава посебна тежина на вечерашната програма е присуството на бројни афирмирани македонски музички имиња, чии песни и интерпретации оставиле значаен белег на домашната музичка сцена. На фестивалската сцена повторно ќе ги видиме Агни Авшар, Наташа Малинкова, Марија Данева, Викторија Лоба, Јован Јованов и Тони Зен, Теа Трајковска, Марија Спасовска, Ристо Самарџиев, Елвир Мекиќ, Врчак и Симона Поповска, Огнен Здравковски и Давид Темелков.


Токму оваа комбинација на различни генерации, музички стилови и препознатливи имиња ветува вечер исполнета со емоции, носталгија, квалитетни изведби и многу музички изненадувања. Особена тежина на вечерта ѝ дава и фактот што дел од познатите музички имиња по долги години повторно се враќаат на музичката сцена, избирајќи ја токму макфестовската сцена.


Музичкиот директор Илија Ќосевски најави разновидна програма, во која секој љубител на македонската музика ќе може да пронајде нешто за својот вкус. Тој упати и повик до публиката да им даде максимална поддршка на дебитантите, нагласувајќи дека првата вечер понудила одлични вокални интерпретации, а втората носи нова можност за уживање во квалитетна музика.


Посебен белег на синоќешната фестивалска вечер остави и ревијалниот настап на Антониа Гиговска. Во интимна атмосфера, исполнета со многу емоции, Гиговска изведе дел од најпопуларните некогашни хитови на „Макфест“, песни што низ годините ја надминале својата фестивалска премиера и прераснале во вистински евергрини на македонската музика. Со својот моќен вокал, впечатлива интерпретација и искрена емоција, таа им даде нов живот на добро познатите рефрени, потсетувајќи на богатото музичко наследство што го носи фестивалот.


Токму ваквите моменти ја потврдуваат посебноста на „Макфест“ - фестивал кој не само што отвора простор за нови музички имиња и композиции, туку ги чува и повторно ги оживува песните што станале дел од колективната музичка меморија на генерации слушатели.


Вечерашната програма започнува во 20:30 часот, а фестивалот ќе може да се следи и преку директен телевизиски пренос на Македонската радио-телевизија (МРТ).


Со 18 композиции, шестмина веќе пласирани учесници, 12 нови песни и плејада добро познати музички имиња, втората вечер на 41. „Макфест“ ветува вистинско славење на македонската музика. Вечерва Штип повторно ќе пее, а фестивалската сцена ќе биде место на кое ќе се сретнат музичката традиција, современиот звук и имињата што со години ја градат домашната естрада.