Славниот режисер Квентин Тарантино, автор на култните филмови како „Pulp Fiction“ и „Kill Bill“, поседува имот проценет на околу 120 милиони долари. И покрај големиот успех, Тарантино јавно изјавил дека никогаш не ги делел своите пари со мајка си. Причината е одлука што ја донел уште во детството, а до која се придржува и денес.
Ветување од детството
Одлуката да не го дели своето богатство со мајка си Кони, Тарантино ја донел кога имал 12 години. Пред неколку години, во поткастот „The Moment“ на Брајан Копелман, раскажал дека сè се случило откако во училиштето бил укорен поради пишување сценарија за време на наставата. Неговата мајка тогаш не се согласувала со неговата страст кон пишувањето.
Се присетил дека таа го задевала поради проблемите на училиште. За време на една расправија, саркастично му рекла во врска со неговата страст: „Таа твоја мала ’писателска кариера‘... со тоа е готово“.

Тарантино во поткастот детално ја опишал својата тогашна реакција.
„Кога ми го кажа тоа со таков тон, ѝ одговорив: ’Во ред, госпоѓо. Кога ќе станам успешен писател, нема да видите ниту цент од мојот успех. Нема куќа за вас. Нема одмори. Нема Кадилак за мама. Нема да добиете ништо затоа што го кажавте тоа‘“.
Зборови со последици
На прашањето дали го исполнил ветувањето, режисерот одговорил потврдно.
„Да. Еднаш ѝ помогнав со еден даночен проблем, но тоа е сè. Нема куќа. Нема Кадилак“, рекол тој.
Својата приказна ја завршил со порака до родителите.

„Постојат последици за она што им го кажувате на своите деца. Треба да имате предвид дека сарказмот има тежина и дека е важно што им зборувате“, истакнал Тарантино.
Квентин Тарантино ја започна својата кариера во 1992 година како независен филмски автор со филмот „Reservoir Dogs“, кој веднаш доби одлични критики. Потоа следуваше „Pulp Fiction“, проект кој редовно се вбројува меѓу најдобрите филмови на сите времиња и кој на Тарантино му донесе Оскар за најдобро оригинално сценарио.









