Оземпик добива сериозна конкуренција: Нов лек за слабеење покажал двојно подобри резултати

Точка

30/10/2026

20:26

1.160

Големина на фонт

а а а

Новиот лек за слабеење на компанијата „Ели Лили“ (Eli Lilly), ретатрутид, во големо клиничко испитување довел до приближно двојно поголемо губење на телесната тежина во споредба со највисоката доза на оземпик.

Резултатите од третата фаза на клиничкото испитување беа објавени на 28 октомври, пишува „ABC News“.

Во истражувањето учествувале повеќе од 1.000 возрасни лица со дијабетес тип 2. Пациентите кои примале повисоки дози на ретатрутид изгубиле во просек меѓу 20,1 и 21,5 килограми во текот на 80 недели, додека пациентите кои ја примале највисоката доза на лекот оземпик изгубиле околу 9,5 килограми.


По што се разликува ретатрутид од оземпик?

Ретатрутид истовремено подобрил и некои други здравствени показатели, вклучувајќи го нивото на холестерол, крвниот притисок и долгорочното ниво на шеќер во крвта.

Сепак, станува збор за лек кој сè уште не е одобрен за употреба.

Ретатрутид се дава еднаш неделно, преку инјекција. За разлика од оземпик, кој дејствува врз еден хормон поврзан со апетитот и регулирањето на шеќерот во крвта, ретатрутид дејствува врз три различни хормонски системи.


Ова би можело да објасни зошто во клиничкото испитување довел до поголемо губење на телесната тежина. Компанијата „Ели Лили“ веќе ги има лековите мунџаро (mounjaro) и зепбаунд (zepbound), кои дејствуваат врз два такви хормонски системи, додека ретатрутид е развиен како следна генерација терапија.

Ретатрутид сè уште не е одобрен

Компанијата „Ели Лили“ планира на почетокот на 2027 година да побара одобрение за ретатрутид од американската Агенција за храна и лекови (ФДА). Конкурентската компанија „Ново Нордиск“ исто така развива нов лек за слабеење, „кагриСема“ (cagriSema), кој сè уште чека регулаторно одобрение.


ФДА предупредува дека ретатрутид во моментов не е легално достапен како одобрен лек. Производите што се продаваат на интернет под ова име не се одобрени верзии на лекот и нивната употреба може да биде ризична.