Мицкоски: Растот на БДП е во нагорна линија од 3,8%, тоа е повторно лоша вест за опозицијата, ДЗС ги објави конечните бројки

Макфакс

30/10/2026

14:00

76

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека растот на бруто-домашниот производ за 2024 и 2025 година е во нагорна линија од 3,8%, што претставува лоша вест за опозицијата. Државниот завод за статистика објави конечни и ревидирани бројки кои укажуваат на позитивни економски индикатори и зголемување на индустриското производство, што ја подобрува економската состојба во време на глобални предизвици.

Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на најновите бројки во индустриското производство и коментар за ревидираниот извештај за 2024 и 2025 за растот, изјави дека тоа е повторно лоша вест за опозицијата.

„Ние со сите овие проекти што ги работиме и овие позитивни индикатори коишто се појавуваат, имаме лоши вести за опозицијата. Тие би се радувале кога ние би можеле да тонеме во тоа политичко мочуриште во коешто тие ја оставија земјата, на безидејност, уништена, ограбена, поништена држава, економија и граѓани. Ние се обидуваме овие нешто повеќе од две години сето тоа да го консолидираме и конечно еве првите индикатори излегуваат на сцена. Државниот завод за статистика ги објави конечните бројки за 2024 година за растот на бруто-домашниот производ и ревидираните бројки за 2025 година. И двата податока се во нагорна линија, 3,8%“.

За 2024 година, како што кажа Мицкоски, растот е нивелиран од 3% на 3,8%, а во 2025 година од 3,5% на 3,8%.

„Но она што е поважно, нашата цел како Влада беше да номиналниот бруто-домашен производ на крајот од мандатот од оваа Влада биде 20 милијарди долари, тој е веќе постигнат во 2025 година. Значи оваа година растеме уште побргу и сакаме да дојдеме, сега имаме нова амбиција, планираме на 22 милијарди долари, но да видиме сега како ќе биде оваа година. Досега првата половина е над очекувањата, како ќе биде понатаму, ќе видиме“.

Според Мицкоски, охрабрува податокот дека и индустриското производство во месец септември, што е последен месец во третиот квартал, пораснало за 2,4%.

„И сега во третиот квартал имаме зголемено индустриското производство, во услови кога имаме малтене невидлива, тивка трета светска војна што се случува во светот, поради ова со енергенсите што се случува. И во услови кога имаме намалена побарувачка поради пазарите и финансиски, но и оние кои се поврзани со потрошувачката кај нашиот најголем трговски партнер, а тоа е Европската унија. Така што не можам да кажам дека сум незадоволен. Задоволен сум. Секогаш може и подобро и одиме подобро, но ова е најдобриот резултат во регионот и еден од најдобрите во Европа, што претставува повторно лоша вест за нашата опозиција којашто би била најсреќна и би се радувала доколку ние потонеме во политичкото мочуриште коешто тие се обидуваат да го наметнат.“