[ВИДЕО] Се урна познатата туристичка атракција во Турција: Има загинати и повредени, се крена голем облак прашина, итните служби се на терен

Точка

29/10/2026

15:42

878

Големина на фонт

а а а

На влезот во Музејот на отворено во Ѓореме, во Кападокија, се урнал „самовилски оџак“, карактеристична карпеста формација по која е познат овој регион во Турција.

Гувернерот на Невшехир, Хусеин Кок, соопштил дека две лица го загубиле животот, додека едно лице било извлечено повредено.

„Поради одрон на карпи предизвикан од свлечиште, ги пронајдовме телата на две лица. Едно повредено лице го пренесовме во болница, каде што му се укажува медицинска помош. На местото на несреќата во тек се операции за пребарување и спасување“, изјавил Кок.

Гувернерот се вклучил во живо во програмата на телевизијата „Си-Ен-Ен Турк“ и изнел дополнителни информации:

„Со помош на расположливите ресурси на нашата држава, се наоѓаме на местото на настанот. Во моментов проверуваме дали има уште некој затрупан под урнатините. Презедовме безбедносни мерки и го евакуиравме подрачјето. На местото на несреќата се наоѓаат исклучиво овластени лица“, истакнал тој.

„Околу подрачјето каде што се случи несреќата е воспоставен безбедносен коридор. На другите локации немаше проблеми. Станува збор за локализиран инцидент кој зафатил мала површина. По завршувањето на операциите за пребарување и спасување, целиот случај ќе биде детално разгледан од сите аспекти. Наш главен приоритет во овој момент е да утврдиме дали под урнатините има уште некое повредено лице. Надлежните државни служби ќе спроведат истрага“, додал гувернерот.

Во меѓувреме се појави и снимка од моментот кога се урнал „самовилскиот оџак“ во Кападокија. На снимката се гледа како карпите се уриваат, по што целото подрачје го прекрива голем облак прашина.

Што се „самовилски оџаци“?

Областа Кападокија денес се наоѓа веднаш надвор од границите на живописното село Ѓореме, кое го зачувало својот автентичен изглед низ времето. На само три километри од селото, посетителите наидуваат на импресивен геолошки феномен со цилиндрични карпести формации кои се издигнуваат среде пустинскиот пејзаж, а го носат карактеристичниот назив „самовилски оџаци“.


Ѓореме и неговата неверојатна природа се наоѓаат југоисточно од Анкара, помеѓу градовите Аксарај, Нигде, Невшехир и Кајсери.

Генерално, Ѓореме, како поради својот природен пејзаж, така и поради станбените и црковните споменици со непроценлива уметничка вредност и значење, претставува музеј на отворено и дел од светското наследство на УНЕСКО.