Го отру семејството со печурки: Ерин Патерсон ја изгуби жалбата и останува доживотно во затвор

Точка

30/10/2026

08:30

353

Големина на фонт

а а а

Апелацискиот суд во Викторија денеска ги потврди пресудите за три убиства и еден обид за убиство, а ја укина можноста Ерин Патерсон по 33 години да побара условен отпуст.

Ерин Патерсон, Австралијката осудена за убиството на тројца роднини со отровни печурки, ја изгуби жалбата против пресудите. Апелацискиот суд во Викторија денеска, 30 октомври, ја заостри казната и ја укина можноста за условен отпуст, пренесуваат SBS и ABC.

Патерсон веќе издржуваше доживотна казна затвор, но претходната одлука ѝ дозволуваше по 33 години да побара условно ослободување. Со денешната пресуда таа можност е отстранета.

Отровни печурки

Печурките Amanita phalloides се смртоносно отровни. Фото: AAP / Joel Carrett, преку SBS

Семејниот ручек заврши со три смртни случаи

Случајот потекнува од јули 2023 година, кога Патерсон поканила четворица роднини на ручек во својот дом во Леонгата, во југоисточна Австралија. Послужила говедско месо „Велингтон“ со отровни печурки.

Починале Дон и Гејл Патерсон, родителите на нејзиниот сопруг од кого била разделена, и Хедер Вилкинсон, сестрата на Гејл. Сопругот на Хедер, Ијан Вилкинсон, преживеал по тешко труење и продолжено болничко лекување. Патерсон беше осудена и за обид за негово убиство.

Одбиена жалбата, прифатено барањето за построга казна

Одбраната бараше укинување на осудителните пресуди, тврдејќи дека имало неправилности во судењето. Обвинителството, од своја страна, ја оспоруваше можноста таа некогаш да добие условен отпуст.

Судот ги отфрли приговорите на одбраната и ја прифати жалбата на обвинителството за казната. Според образложението што го пренесува SBS, злосторствата биле однапред испланирани, а тежината на стореното не оправдува определување рок по кој би можело да се бара условен отпуст.

Патерсон ја следела одлуката преку видеоврска од затвор. Таа и натаму може да побара посебна дозвола за жалба пред Високиот суд на Австралија.

Извори: SBS News и ABC News.