Музејот и уметничка галерија Келвингроув во Глазгов од јавната поставка ги отстранија мумифицираното тело на свештеник по име Нехт, мумифицираната десна дланка пронајдена во Долината на кралевите во Луксор, мумифицирана машка глава и мумифицирано десно стапало.
Добротворната организација „Glasgow Life“, која управува со овој простор во име на Градскиот совет на Глазгов, соопшти дека одлуката „ја одразува современата музејска практика“, особено имајќи го предвид отсуството на „согласност од починатите“.

Покриено телото на Шеп-ен-хор
Слична одлука донесе и музејот Хантеријан, со кој управува Универзитетот во Глазгов. Во рамките на настојувањата да стане етички поодговорна установа, музејот повеќе нема да изложува човечки останки со потекло надвор од Велика Британија на начин што ги прави непосредно достапни за јавноста.
Во согласност со таа одлука, покриено е и мумифицираното тело на Шеп-ен-хор, кое се наоѓа во музејската збирка уште од 1820 година. Нејзиното тело е сместено во делумно отворен саркофаг, но музејот одлучи повеќе да не им го прикажува на посетителите, со образложение дека „заслужува приватност и по смртта“.

Одлуките предизвикаа различни реакции. Меѓу критичарите е и шкотскиот конзервативен пратеник Мурдо Фрејзер, пренесува „Sky News“.
„Музеите во Глазгов треба да ја претставуваат нашата историја, а не тивко да ја отстрануваат за да му угодат на најновиот тренд на политичка коректност“, изјави тој.

Од друга страна, претседателката на организацијата „Egyptology Scotland“, Клер Гилмур, вели дека одлуката не е без преседан и дека е поврзана со промените во начинот на кој денес се гледа на човечките останки во музејските збирки.
Како пример наведе сличен случај од Манчестер, каде што неодамна од музејската поставка било отстрането мумифицирано тело.

Според неа, во текот на изминатата деценија сè повеќе се расправа за тоа како египетските мумии да се изложуваат на етички и обѕирен начин.
„Многу музеи ги чуваат овие останки благодарение на собирањето предмети во текот на 19 и почетокот на 20 век, а нивните политики се развивале за да ја одразат современата непријатност во врска со таквата практика“, објасни таа.








