Пристигна сезоната на мандарините, едно од најомилените овошја во студените месеци.
Мандарината е нискокалорично овошје богато со витамини, минерали и антиоксиданси. Една мандарина со средна големина, тешка околу 88 грама, содржи:
• 47 калории
• 12 грама јаглехидрати
• 2 грама растителни влакна
• 9 грама шеќери
• 0,7 грама протеини
• 0,3 грама масти
• 26 проценти од препорачаниот дневен внес на витамин Ц
Освен тоа, мандарините содржат значителни количества магнезиум, калиум, бакар и железо. Овие мали плодови се вистинска нутритивна бомба што може значително да придонесе за секојдневниот внес на витамини и минерали.
Редовното консумирање мандарини носи бројни здравствени придобивки – од зајакнување на имунолошкиот систем до поддршка на здравјето на срцето и кожата. Ова вкусно, нискокалорично овошје содржи важни хранливи материи што придонесуваат за зачувување на општото здравје. Еве неколку клучни придобивки од консумирањето мандарини:

Зајакнување на имунолошкиот систем
Мандарините се богати со витамин Ц, кој е важен за зајакнување на имунолошкиот систем. Помага во борбата против инфекции, вируси и настинки, како и во обновувањето на ткивата.
Подобрување на здравјето на кожата
Витаминот Ц во мандарините го поттикнува производството на колаген, со што придонесува за еластичноста на кожата, зараснувањето на раните и зачувувањето на нејзиниот младешки изглед.
Здравје на срцето
Калиумот во мандарините помага во регулирањето на крвниот притисок, додека флавоноидите, како хесперидинот, дејствуваат како антиоксиданси и можат да придонесат за здравјето на срцето и намалувањето на воспаленијата.

Поддршка на дигестивниот систем
Мандарините содржат растителни влакна што го помагаат варењето, можат да спречат запек и да придонесат за редовно празнење на цревата. Редовниот внес на влакна е важен и за одржување здрава телесна тежина.
Намалување на холестеролот
Флавоноидите и растителните влакна во мандарините можат да помогнат во намалувањето на нивото на лошиот, ЛДЛ холестерол, со што се намалува ризикот од срцеви заболувања.

Заштита од хронични заболувања
Антиоксидансите, вклучувајќи ги витаминот Ц и флавоноидите, ги штитат клетките од оштетувања предизвикани од слободните радикали. На тој начин можат да придонесат за намалување на ризикот од хронични заболувања, како рак, дијабетес и срцеви заболувања.
Зачувување на здравјето на очите
Витаминот А во мандарините е важен за здравјето на очите. Може да помогне во зачувувањето на ноќниот вид и намалувањето на ризикот од очни заболувања поврзани со стареењето, како макуларната дегенерација.

Хидратација на организмот
Мандарините содржат голем процент вода, што придонесува за хидратацијата на организмот и неговото нормално функционирање.
Регулирање на телесната тежина
Мандарините се нискокалорични и богати со растителни влакна и вода, поради што се добар избор за ужина. Можат да помогнат во контролирањето на апетитот и одржувањето здрава телесна тежина.

Здравје на коските
Калциумот и магнезиумот, кои се присутни во помали количества, придонесуваат за одржување на здравјето на коските.
Колку мандарини дневно?
Иако не постои строго правило за тоа колку мандарини треба да се јадат дневно, стручњаците препорачуваат две до три мандарини како дел од урамнотежена исхрана. Така ќе внесете витамин Ц и други важни хранливи материи, без прекумерен внес на шеќери.
Сепак, иако мандарините се богати со хранливи материи, нивниот прекумерен внес може да претставува проблем. Според руската нутриционистка Надежда Чапкина, дневниот внес на фруктоза не би требало да надминува 40 грама, а неколку мандарини веќе можат да го достигнат тоа количество.
Премногу мандарини можат негативно да влијаат врз црниот дроб. Лицата што имаат гастритис исто така треба да бидат внимателни, бидејќи киселините од мандарините можат да ја надразнат чувствителната слузница на желудникот и цревата.
Не се препорачува мандарините да се јадат на празен желудник, бидејќи нивната киселост може да го надразни дигестивниот тракт. Најдобро е да се јадат навечер: нискокалорични се и нема негативно да влијаат врз телесната тежина.










