Претрес во Кавадарци, пронајдени ловечка пушка, недозволени средства за лов и месо од дивеч: уапсен 69-годишен маж

Макфакс

27/10/2026

10:19

253

Големина на фонт

а а а

Во Кавадарци беше извршен претрес во викенд куќа и дом на 69-годишен маж каде беа пронајдени ловечка пушка, недозволени средства за лов и месо од дивеч. Лицето е лишено од слобода, а против него ќе бидат поднесени кривични пријави за незаконит лов и недозволено држење оружје.

Вчера околу 15:00 часот, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово при РЦ за ГР Југ, од Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија при РЦ за ГР Југ и од ОВР Кавадарци го лишија од слобода 69-годишниот Ј.П. од Кавадарци.

По преземени мерки и добиени сознанија, со судска наредба биле извршени претреси во неговата викенд куќа и помошни простории на место викано „Васов град, кавадаречко“ и во домот во кој живее во Кавадарци.

При претресот во викенд куќата, лицето добровожно предало ловечка пушка „Застава“, три ловечки патрони калибар 12, околу 13 килограми месо од срндак и девет недозволени средства за лов (примки), од кои на едната имаше остатоци од биолошки траги.

Известен е јавен обвинител и по целосно расчистување и документирање на случајот, против лицето ќе бидат поднесени пријави за незаконит лов по член 228 и „недозволено изработување, држење, и тргување со оружје и распрскувачки материи“ по член 396 од Кривичниот законик.