Толку многу го навредувале што не излегувал од дома: Славниот актер се подложил на скап третман и сега изгледа сосема поинаку

Точка

26/10/2026

20:00

552

Големина на фонт

а а а

Иако има само 34 години, ирскиот актер веќе се грижи за производството на колаген, а извесно време се шпекулира дека користи и филери за да го промени изгледот на своето лице.

Тој неодамна признал дека навредите на сметка на неговиот изглед тешко го погодуваат, поради што не само што се повлекол од Инстаграм, туку изгубил и желба да излегува од дома.


Актерот Бари Киоган пред неколку месеци открил колку многу го погодуваат негативните коментари за неговиот изглед, а сега сподели дека одлучил да го подобри својот изглед.

Имено, тој открил дека пробал нехируршки третман за затегнување на кожата на лицето, кој е популарен меѓу холивудските ѕвезди, а го користат и Ким Кардашијан и Наоми Вотс.


Триесет и четиригодишниот актер, кој моментално снима биографски филм за „Битлси“, во кој го толкува ликот на Ринго Стар, се подложил на третман наречен „XERF“.

Станува збор за технологија која користи радиофреквентна енергија за да го поттикне производството на колаген и да придонесе за поцврст и позатегнат изглед на кожата, без операција и инјекции.


На видеото што го објавила на Инстаграм експертката за нега на кожа Нилам Холмс, Киоган лежи на кревет додека со апарат се третираат неговите образи и линијата на вилицата.

„Многу слушав за ова, а Нилам е навистина возбудена поради овој третман. Таа е одлична во својата работа, навистина го мислам тоа“ рекол ирскиот актер.

Тој додал дека секоја посета му овозможува да се опушти и дека му е важно да се грижи за себе.

„Се чувствувам подобро и изгледам подобро. Мислам дека е важно човек да се грижи за себе, и однатре и однадвор – истакнал актерот, најпознат по улогите во филмовите „Духовите на островот“ и „Убиството на светиот елен“.


Овој интересен третман е развиен во Јужна Кореја, а неговата цел е да ја затегне опуштената кожа и да ги нагласи контурите на лицето. Еден третман за целото лице во клиниката на Нилам Холмс чини 2.500 фунти, додека пакет од два третмани, со растојание од четири до осум недели, чини 4.500 фунти. Киоган, како што се наведува, имал два третмани, но не е познато дали самиот ги платил.

Ким Кардашијан го опишала овој третман како „нејзиниот нов омилен третман за затегнување на кожата“, додека актерката Наоми Вотс по процедурата изјавила дека „многу ѝ одговара“ и дека „нема период на закрепнување“.


Долго време се чувствува несигурно поради својот изглед

Ова признание на Киоган, актерот со тешка животна приказна, повторно го насочи вниманието кон шпекулациите за неговиот изглед, кои стануваат сè погласни во текот на изминатата година, особено поради неговите видливо пополни образи и усни.

Актерот никогаш јавно не потврдил дека претходно користел филери, а третманот „XERF“ не подразбира вбризгување супстанции во лицето, па затоа неговиот сегашен изглед веројатно не е резултат на овој третман. Сепак, тој изгледа забележително поинаку од порано.


Киоган, како што веќе споменавме, неодамна зборувал за навредливите коментари на сметка на неговиот изглед, поради кои дури и се повлекол од јавноста.

„Има многу омраза онлајн“ изјавил Киоган во емисијата „The Morning Mash Up“ на „Сириус Екс-Ем“.


„Има многу навреди поради мојот изглед и тоа некако ја преминува границата на она „знаеш, секој поминува низ тоа“…Тоа ме тера да се повлечам. Ме натера навистина да се затворам во себе, да не сакам да одам никаде, да не сакам да излегувам од дома. Ова го кажувам сосема отворено и искрено. Тоа станува проблем“ признал актерот.

Тој го деактивирал својот профил на Инстаграм пред две години и рекол дека се повлекол од социјалните мрежи, но и понатаму повремено проверува што се пишува за неговите јавни појавувања.

„Сè уште сум љубопитен човек кој сака да биде присутен на интернет. Кога присуствувате на некој настан или ќе се појавите некаде, сакате да видите како ќе биде прифатено тоа“, раскажал Киоган.


Тој додал дека се плаши оти повлекувањето од јавниот живот ќе влијае врз неговата актерска кариера.

„Кога тоа ќе почне да се одразува и врз уметноста, тогаш станува проблем, бидејќи повеќе не сакате ни да се појавувате на екранот“ смета тој.