Американскиот претседател Доналд Трамп во пресрет на изборите за Сенатот организирал собир во Мичиген, на кој повторно му се придружила познатата раперка Ники Минаж. Таа себеси се нарекла негова „обожавателка број еден“, но од целата вечер најмногу се зборува за коментарите што Трамп ѝ ги упатил на раперката, особено пофалувајќи го нејзиниот изглед.
Додека говорел на сцената, Трамп ја повикал Минаж да му се придружи. Таа пристигнала во Порт Хјурон облечена во златен костим од брендот „Гучи“ и ги предводела присутните во скандирањето на името на Трамп, како и на имињата на републиканските кандидати во Мичиген.
Таа рекла дека Трамп „ја променил енергијата во земјата“ и додала: „Нѝ овозможи иднина на која можеме да ѝ се радуваме“.

Според пишувањето на „Би-би-си“, во оваа сојузна држава се води тесна трка за Сенатот меѓу демократскиот кандидат Абдул Ел Сајед и републиканецот Мајк Роџерс.
Изборите ќе се одржат на 3 ноември, а нивниот исход ќе одлучи која партија ќе го контролира Конгресот во преостанатиот дел од претседателскиот мандат на Трамп.

Во својот говор за време на викендот, Трамп се фокусирал на вероисповедта и потеклото на Ел Сајед, тврдејќи дека тој, доколку победи, ќе „повика џихадисти“ во Америка. Демократскиот кандидат ги оценил неговите изјави како исламофобични.
Минаж на оваа тема изјавила: „Навистина нѝ е потребно сите овие одлични луѓе да бидат избрани, бидејќи ова е голема пресвртница за нашата земја“.

Додека таа се симнувала од сцената, Трамп рекол: „Никогаш не изгледала поубаво. Таа ги разбира работите. Паметна е“.
Претходно, во својот говор, Трамп го „пофалил“ и задникот на еден од машките републикански кандидати.
Потоа го насочил вниманието на публиката кон Минаж: „Патем, пред малку видов прекрасен задник. Ники Минаж. Тоа е тешко да не се забележи“.
Ја замолил да „стане“, на што публиката реагирала, а тој додал дека се надева оти таа не се „навредила“ од неговиот коментар.

Видеото брзо се прошири на социјалните мрежи, а на платформата Икс се појавија бројни коментари.
„Се надевам дека ова е дело на вештачка интелигенција, бидејќи зарем тој не е оженет? Што, по ѓаволите, мисли Меланија за ова?“, „Економијата е во хаос … но добро, ајде да зборуваме за задникот на Ники Минаж!“, „Ова е тажно“, „Човеков е вистинска комедија“, коментираа корисниците.

Раперката заедно со Трамп пристигнала на собирот со претседателскиот авион „Ер форс уан“. Во авионот снимила видео со еден од соработниците, во кое глуми дека е на интервју за работа за позицијата секретарка за односи со јавноста во Белата куќа – место кое моментално е испразнето по ненадејната оставка на Кејти Закарија, само неколку дена откако стапила на функцијата.
Интересно е што, според пишувањето на „Дејли бист“, Ники Минаж не е државјанка на САД и нема право на глас.








