Еден жежок августовски ден во 2008 година го променил секојдневието на Унгарецот Герге Борбељ и поттикнал хоби што на крајот му донело место во Гинисовата книга на рекорди.
Она што почнало со купување еден енергетски пијалак денес прераснало во колекција од дури 2.000 различни лименки.
„Убаво изгледаа заедно“
Борбељ раскажал дека неговата колекционерска приказна започнала сосема случајно, во првите денови од престојот во студентски дом, пренесува „Yahoo.com“.
„Најдов мала продавница во близина и влегов барајќи нешто ладно и газирано, но единствената соодветна опција во фрижидерот беше енергетски пијалак. Никогаш претходно немав пробано такво нешто, па купив една лименка. Ми се допадна, така што почнав да пробувам и други видови“, рекол тој.
Како што објаснил, понудата на енергетски пијалаци била значително поинаква од денешната. На пазарот имало помалку брендови, но и помалку вкусови, па изборот бил ограничен.
„Повеќето енергетски пијалаци практично го имаа класичниот вкус на тути-фрути, во обична верзија или без шеќер“, раскажал тој.
Лименките со текот на времето почнале да се натрупуваат во неговата соба во студентскиот дом, па морал да одлучи што ќе прави со нив. Во еден момент планирал да ги однесе на рециклирање, но се премислил додека ги селектирал.
„Вратив на полицата по една лименка од секој бренд. Беа околу 15. Убаво изгледаа заедно и внесуваа малку боја во инаку прилично едноличната студентска соба, па ги задржав“, рекол Борбељ.
Таа одлука се покажала како почеток на колекција што во следните години постојано ќе расте.

„Тоа ми е особено интересно“
Како што минувало времето, Борбељ почнал да ја проширува својата збирка и за време на патувањата. Носел лименки од Јапонија, САД и различни делови на Европа, барајќи примероци што се разликуваат по дизајнот, брендот или реткоста.
Денес неговата колекција брои 2.000 различни лименки, меѓу кои има и ретки примероци. Посебно место заземаат енергетските пијалаци што потекнуваат од деведесеттите години на минатиот век.
Меѓу интересните примероци се наоѓа и стара лименка „Guarana“, произведена во поранешна Југославија.

„Тоа ми е особено интересно бидејќи таа држава повеќе не постои“, рекол колекционерот од Унгарија.
Благодарение на својата збирка, Борбељ го држи Гинисовиот светски рекорд за најголема колекција лименки од енергетски пијалаци. Сепак, признанието не означило крај на неговото хоби. Напротив, тој планира да продолжи да ја проширува збирката и да пронаоѓа нови, необични и ретки примероци.
Се присетил и колку на самиот почеток ваквиот развој на настаните му изгледал незамислив.
„Да ми кажеше некој во 2008 година дека тие неколку лименки еден ден ќе ме доведат до титула во Гинисовата книга на рекорди, сигурно ќе се насмеев“, заклучил Борбељ.
















