Го пијат милиони луѓе секој ден: Овој популарен пијалак може да го намали ризикот од срцеви заболувања

Точка

24/10/2026

17:31

598

Големина на фонт

а а а

Редовното пиење шолја чај не е добро само за загревање во текот на студените есенски денови, туку може да помогне и во зачувувањето на здравјето на срцето.

Ново истражување покажало дека луѓето кои секојдневно пијат седум шолји црн чај имаат за 34 отсто помал ризик од развој на васкуларни заболувања.

Васкуларните заболувања опфаќаат широка група нарушувања поврзани со срцето и крвните садови, вклучувајќи срцеви заболувања, цереброваскуларни заболувања, белодробно срце и болести на периферните артерии.


Податоците собрани од речиси половина милион луѓе покажале дека секојдневното консумирање чај, без оглед на количината, е поврзано со 11 отсто помала веројатност за развој на срцеви проблеми, пишува „Телеграф“.

Сепак, најголема корист имале оние кои пиеле меѓу шест и осум шолји дневно, при што најповолниот ефект бил забележан кај просечна консумација од 7,17 шолји дневно.

Тим кинески истражувачи ги следел испитаниците во период од девет години. Во тој период биле регистрирани 14.863 случаи на васкуларни заболувања, по што била анализирана поврзаноста меѓу зачестеноста на заболувањата и количината на испиен чај.

Авторите на студијата навеле дека „биоактивните соединенија“ присутни во чајот имаат „антиоксидативни, антиинфламаторни и заштитни својства за ендотелот“, што би можело да придонесе за спречување на развојот на болести.

Сепак експертите од Велика Британија предупредуваат дека се потребни дополнителни истражувања пред да може да се дадат препораки за оптималната количина чај што треба да се консумира.


„Луѓето кои редовно пиеле чај во оваа студија имале приближно 11 отсто помал релативен ризик од васкуларни заболувања, што дополнително ги потврдува доказите кои ја поврзуваат консумацијата на чај со подобро кардиоваскуларно здравје. Сепак, тоа не докажува дека секојдневното пиење шолја чај го штити срцето. Станува збор за набљудувачка студија, а други разлики во исхраната и животните навики на испитаниците би можеле да ги објаснат овие резултати“, рекла Дел Стенфорд, диететичарка од Британската фондација за срце.

Иако најнискиот проценет ризик бил забележан кај луѓето кои пијат меѓу шест и осум шолји чај дневно, тоа не треба да се толкува како препорачана количина.

Количината на консумиран чај била измерена само еднаш, големината на шолјите не била стандардизирана, а истражувањето не може да докаже дека токму поголемата консумација на чај довела до намалување на ризикот.


Студијата исто така покажала дека комбинацијата од редовно пиење чај, високо ниво на физичка активност и непушење дава најдобри резултати кога станува збор за здравјето на срцето.

Кај оваа група испитаници, ризикот од васкуларни заболувања бил за 41 отсто помал во споредба со луѓето кои не пиеле чај.

„Анализите покажаа дека консумацијата на чај, пушачкиот статус и физичката активност се заеднички поврзани со васкуларниот ризик, при што најнизок ризик е забележан кај луѓето кои редовно пијат чај, моментално не пушат и имаат високо ниво на физичка активност“, навеле авторите на студијата.

Врелиот чај има спротивен ефект

Истражувањето предупредило и дека луѓето кои сакаат да пијат чај додека е врел можеби го зголемуваат ризикот од срцеви проблеми.

Податоците покажуваат дека кај овие луѓе постои 16 отсто поголема веројатност за развој на васкуларни заболувања подоцна во животот.

„Превисоката температура може да предизвика термичко оштетување на слузницата на хранопроводот и да поттикне воспалителни процеси, што потенцијално може да ги намали корисните ефекти на биоактивните соединенија од чајот“, предупредуваат авторите на трудот објавен во списанието „Journal of Internal Medicine“.


Неодамнешна студија на Универзитетот во Оксфорд покажала дека пиењето многу врело кафе или чај речиси тројно го зголемува ризикот од рак на хранопроводот.

Истражувањето, засновано на податоци од околу 980.000 возрасни лица од две британски студии, утврдило дека луѓето кои претпочитаат нивните пијалаци да бидат „многу врели“ имаат трипати поголема веројатност да развијат еден вид рак на грлото, во споредба со оние кои претпочитаат пијалаци со поумерена температура.