[ВИДЕО] Новинар во Шпанија најавувал бура, па прв ја почувствувал: Бранот го „поклопил“, директниот пренос бил прекинат

Точка

23/10/2026

12:34

499

Големина на фонт

а а а

Новинарот на баскиската јавна телевизија „ETB2“, Серхио Овехеро, доживеал непријатен момент во четвртокот за време на директно јавување. Додека известувал за невремето на море, со него била и снимателка, а голем бран ги „поклопил“ двајцата, прелевајќи се преку ѕидот на шеталиштето. Сигналот бил прекинат, но двајцата поминале без повреди.

Овехеро се јавувал во емисијата „Euskadi Quédate“ од Ондароа, на баскискиот брег, каде што известувал за влошувањето на состојбата на морето и за жолтото предупредување што било на сила. Како што пренесуваат шпанските медиуми, тој зборувал за зголемувањето на брановите и за препораките за пешаците на шеталиштето кога силен бран се прелеал преку насипот и заштитниот ѕид.

Бранот ги „поклопил“ новинарот и снимателката Ракел, по што сликата била прекината. Во кадар останало само тлото покриено со пена.

Водителот во студиото реагирал во етерот и рекол дека се надева оти Серхио и Ракел се добро и дека наскоро ќе ги известат гледачите. Прекинот траел само неколку секунди и сè завршило само со страв.

Овехеро подоцна на социјалните мрежи се заблагодарил за пораките со поддршка. Тој објаснил дека известувале за предупредувањето што било најавено за следните часови, но дека брановите пристигнале порано од очекуваното.

Снимката брзо се проширила на социјалните мрежи и ја покажала силата на невремето што го погодило баскискиот брег. Станува збор за бурата „Остин“, која го носи првото посилно невреме на морето оваа сезона.

Според најавата на баскиската метеоролошка агенција „Euskalmet“, за денеска е на сила портокалово предупредување поради опасни појави на брегот, а меѓу 12 и 21 часот брановите би можеле да бидат повисоки од пет метри.