Трамп: Имам право повторно да се кандидирам за претседател бидејќи ме измамија

Макфакс

23/10/2026

12:50

353

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека има право повторно да се кандидира за претседател на САД, повикувајќи се на наводно измама на изборите во 2020 година, иако американскиот Устав го забранува тоа.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави смета дека има право повторно да се кандидира за претседател на САД, бидејќи, како што тврди, демократите му ја украле победата на изборите во 2020 година.

На предизборен собир одржан вчера во Сиу Сити, во сојузната држава Ајова, Трамп призна дека американскиот Устав му забранува трет претседателски мандат, но повторно тврдеше дека победил на сите три претседателски избори на кои учествувал.

„Не знам кој ќе биде вашиот следен претседател, а мислам дека законот вели дека не смеам повторно да се кандидирам. Долго ја проучував таа формулација“, им рече Трамп на своите поддржувачи.

Потоа повторно се осврна на изборите во 2020 година, на кои загуби од демократскиот кандидат Џо Бајден.

„Но, една работа е поинаква. Нè измамија на вторите избори. А ние победивме трипати. Мислам дека имам право повторно да се кандидирам бидејќи мамеа“, изјави Трамп.

Трамп победи на претседателските избори во 2016 и 2024 година. Неговите тврдења дека победил и во 2020 година не се поткрепени со докази, а обидите да ги оспори резултатите не го променија официјалниот исход.

Американскиот претседател и претходно повеќепати ја споменуваше можноста за трет мандат, иако во октомври 2025 година призна дека уставната забрана е јасна.

Според 22. амандман на Уставот на САД, ниту едно лице не може да биде избрано за претседател повеќе од двапати. Одредбата е ратификувана во 1951 година, а нејзината измена би барала двотретинска поддршка во двата дома на Конгресот и ратификација од три четвртини од сојузните држави.

Изјавите на Трамп доаѓаат пред конгресните избори на 3 ноември, на кои републиканците се обидуваат да го задржат мнозинството во Конгресот. Трамп во Ајова одржа собир за поддршка на републиканските кандидати, меѓу кои и Ешли Хинсон, кандидатка за Сенатот.