Чинеше 62 милиони евра, а на 29 години оди на проби

Точка

22/10/2026

08:42

1.192

Големина на фонт

а а а

Некогаш еден од најбараните фудбалери, Танги Ндомбеле, се обидува да се врати на врвот преку проба во рускиот клуб Рубин од Казањ.

Само неколку години откако беше најбараната стока на пазарот, поранешниот француски репрезентативец и ѕвезда на Премиер лигата, Танги Ндомбеле, го допре дното. Руските медиуми пренесуваат дека поранешниот фудбалер на Тотенхем, кој за него плати 62 милиони евра, пристигнал на проба во Рубин од Казањ.

За време на тренинзите со рускиот клуб, Ндомбеле ќе се обиде да се избори за договор и така да си помогне по исклучително тешкото лето, во кое немаше клубови заинтересирани за неговите услуги. Кога на крајот од претходната сезона му истече договорот со Ница, Ндомбеле стана слободен играч и во тој статус е веќе со месеци.

А никој не веруваше дека ќе доживее таков момент во кариерата. Своевремено европските клубови се бореа за него, откако блесна во Олимпик Лион. Се пишуваше за десетици милиони, за најбогатите клубови и за трансфер, а на крајот го доведе лондонскиот клуб.


Каква кариера има Ндомбеле?

Фудбалерот од средниот ред Танги Ндомбеле (29) е роден во Лонжимо, а неговите родители се од Демократска Република Конго. Првите фудбалски чекори ги направи во локалниот тим Епине Атлетико, а по преселбата на неговото семејство го засили Генган, каде што направи исчекор.

Иако дебитираше во сениорскиот фудбал уште на 16 години, Генган не му понуди професионален договор, па го засили Амиен, каде што го привлече вниманието кон себе. Го купи Олимпик Лион, и тоа во пакет вреден 10 милиони евра – прво два милиони за позајмица, а потоа осум за откуп една година подоцна.


По само една година, тимот од Лион го продаде на Тотенхем за 62.000.000 евра, а се покажа дека тоа беше многу лоша зделка за англискиот тим. Премиер лигата не му одговараше, а не успеваше да ја врати формата ниту на позајмиците – се врати во Олимпик, па замина во Наполи и Галатасарај, пред како слободен играч да ја засили Ница во 2024 година.

Во последните неколку месеци Ндомбеле нема клуб, бидејќи му истече договорот со француската екипа. Веројатно никој не очекуваше дека Танги на 29 години очајнички ќе бара екипа што ќе му даде шанса, но сега тоа е реалноста на фудбалерот кој одигра 11 натпревари за младата и седум за сениорската репрезентација на Франција.