Градоначалничката Стаменкоска Трајкоска на средба со жителите на Припор: Фокус на новите решенија и институционалната соработка

Макфакс

21/10/2026

11:11

168

Големина на фонт

а а а

Продолжувајќи ја агендата на теренски посети низ сите делови на општината Кисела Вода, градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и раководниот општински тим одржаа работна средба со жителите на месната заедница Припор. Овој отворен дијалог послужи како одлична прилика да се направи сублимат на досегашните капитални проекти, но и заеднички да се мапираат следните чекори, известуваат од Општината.

„Присутните граѓани го изразија своето задоволство од сработеното во изминатиот период. Посебна благодарност беше упатена за изградбата на новата спортска сала во склоп на подрачното училиште „Круме Кепески“, како и за почетокот на градежните работи за изведба на фекалната канализација на улицата „Христо Татарчев 14“. Исто така, позитивно беше оценето и редовното одржување на хигиената низ населбата.

Во вториот дел од дискусијата, жителите ги акцентираа своите тековни потреби, при што побараа Општина Кисела Вода да посредува и да интервенира кај неколку надворешни институции. Конкретно, беше побарана интервенција до АД „Македонски пошти“ за итно обезбедување на поштар кој е дефицитарен во МЗ Припор, како и интервенција до ЈП „Водовод и канализација“ за редовно читање на водомерите во шахтите.

Жителите упатија и барање за поредовно собирање на сметот од страна на ЈП „Комунална хигиена“, претпријатие кое е под надлежност на Град Скопје.

Што се однесува до инфраструктурните и комуналните барања насочени кон локалната самоуправа, граѓаните побараа реконструкција на оградата на спортското игралиште во месноста Теферич, реконструкција на улицата „Христо Татарчев“ – крак 22, како и реконструкција на атмосферската канализација на кракот 14 од истата улица. Дополнително, беше изнесено барање за изградба на фекална канализација на улицата „Христо Татарчев 14/146“, како и кроење и кастрење на гранките на улицата „Христо Татарчев 22“ и кај семафорите на спојот со улицата „Народни Херои“.

Стручните служби на Општина Кисела Вода ги забележаа сите поднесени барања и иницијативи, со цел истите во најкус можен рок да бидат разгледани и соодветно решение“, се наведува во соопштението на Општината.