ЛДП: Дупка од 10.000 денари во секој семеен буџет е реалноста, а не приказната за „трета економија во Европа”

Макфакс

21/10/2026

11:08

206

Големина на фонт

а а а

За да преживее семејство со минимални трошоци со т.н. синдикална кошница за октомври се пробија историски рекорди кои достигнаа 70.358 денари, а за семејствата што живеат под кирија трошоците за гол опстанок се искачија на застрашувачки 85.733 денари, велат од ЛДП.

Додека Владата секојдневно дефилира со соопштенија за „рекорден раст на економијата“ и наводно подобрена куповна моќ, додаваат од партијата, реалноста зад затворените врати на македонските домаќинства е сурова преживувачка.

„Се соочуваме со рекорден раст на трошоците, а не на економијата. Прашањето е едноставно и боли: колку семејства денес во Македонија можат да го поминат месецот без да влезат во нов брз кредит, без да се одречат од основни потреби или без да молат за помош од родители и пријатели. Посебно е иритирачки што владината потрошувачка кошничка и синдикалната пресметка се разликуваат за нереални 10.200 денари. За премиерот и министрите тоа е само прашање на сува методологија и бројки на хартија, но за обичниот човек тоа се 10.000 денари помалку за храна, лекови, сметки и основни потреби што драматично недостигаат на крајот од месецот. Економската успешност не може да се мери со непоткрепени владини математики, додека граѓаните секој ден ја мерат реалноста преку шокантните цени во маркетите и празните банкарски сметки“, велат од ЛДП.

Од партијата велат дека трошоците растат побрзо од платите и тие не се доволни за достоинствен живот.

„На Македонија не ѝ требаат оптимистички прес-конференции и економски бајки, туку итни и конкретни решенија — реален раст на минималната плата, вистинска заштита од ценовните шокови таргетирано за македонските граѓани и замрзнување на маржите за да се сопре дивеењето во продавниците. Нашите предложени таргетирани мерки се одбиваат иако се имаат покажани успешни во други земји. Ребалансот на буџетот кој Владата го достави до Собранието ниту дава краткорочни ниту долгорочни решенија, напротив покажува немање капацитет за справување со сериозните ризици“, велат од Либерално-демократската партија (ЛДП).