[ФОТО] Откриени четири луксузни пловила за кои се претпоставува дека се поврзани со Ким Џонг Ун

Макфакс

20/10/2026

11:00

279

Големина на фонт

а а а

Нови сателитски снимки откриваат четири луксузни пловила во близина на севернокорејскиот град Вонсан, за кои се претпоставува дека ги користат лидерот Ким Џонг Ун и неговото семејство. Најголемото пловило има базен од 50 метри и водени тобогани, а други три се долги околу 50-60 метри. Вонсан е познато одморалиште за севернокорејската елита со ограничен пристап за странски туристи.

Нови сателитски снимки откриваат четири луксузни пловила во близина на севернокорејскиот град Вонсан, за кои се верува дека ги користат лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, и неговото семејство.

Најголемото пловило е долго околу 80 метри, а на неговата палуба се наоѓа базен долг 50 метри, со четири патеки за пливање и четири водени тобогани. Точната вредност на пловилата не е позната, но слични луксузни јахти на пазарот чинат од десетици милиони до над 100 милиони долари.

Јахтата со месеци била на одржување во бродоградилиште, а од јули повторно е забележана во водите во близина на полуостровот Калма, недалеку од приватната вила што ја користи семејството на Ким.

Анализата на сателитските снимки покажала дека во областа се забележани уште три големи пловила, долги приближно 50, 55 и 60 метри. Се верува дека сите се поврзани со севернокорејското раководство, иако нивната сопственост не е официјално потврдена.

Вонсан е познат како одморалиште на севернокорејската елита, а во 2025 година таму беше отворен голем туристички комплекс. Сепак, пристапот за странските туристи останува ограничен.