По масовните немири во Франција, повеќе европски земји ги предупредуваат своите граѓани за безбедносни ризици и советуваат да избегнуваат големи собири и протести поради влошената безбедносна ситуација во земјата.
Неколку европски земји денеска ги предупредија своите граѓани што патуваат во Франција да избегнуваат големи собири и да бидат внимателни поради влошената безбедносна состојба, откако во текот на викендот беа уапсени илјадници луѓе, а за време на протестите беа ограбени продавници.
Демонстрациите што во саботата се одржаа низ Франција поради високите цени и влошувањето на јавните услуги прераснаа во немири, при што беше запалена и една општинска зграда, а насилни групи се судрија со полицијата.
Поради состојбата, министерствата за надворешни работи на повеќе европски земји издадоа нови предупредувања за патување во Франција.
Италија ги советуваше своите граѓани да го регистрираат престојот во Франција преку интернет-страница или апликација, за надлежните да можат да ги пронајдат доколку е потребно. Истовремено, ги повика да избегнуваат големи собири и да бидат особено внимателни.
Германското Министерство за надворешни работи предупреди дека не се исклучени нови немири во наредните денови и ги повика граѓаните да ги почитуваат упатствата на локалната полиција. Посочи и дека лицата што нема да ги напуштат непријавените собири по полициска наредба би можеле да бидат казнети или од нив да се бара надомест на штета.
Чешкото Министерство за надворешни работи оцени дека безбедносната состојба во Франција е влошена и препорача избегнување демонстрации, протестни маршеви и јавни собири.
Полска, исто така, ги советуваше своите граѓани да ги избегнуваат местата каде што се одржуваат протести, но не ја промени општата проценка за безбедноста на патувањата во Франција.
Холандија во предупредување последен пат ажурирано на 7 октомври препорача избегнување протести, додека Данска, Шведска, Финска и Норвешка ги повикаа своите граѓани да се држат подалеку од демонстрациите и да ги следат упатствата на локалните власти.











