Александар Вучиќ, носител на листата на Српската напредна странка, очекува убедлива победа на претстојните избори во Србија со разлика од повеќе од 400.000 гласови, додека опозицијата предупредува на можни изборни злоупотреби.
Доскорешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, кој е носител на листата на владејачката Српска напредна странка (СНС), изјави дека на претстојните избори очекува убедливa победа над главниот противник, Студентската листа, со разлика од повеќе од 400.000 гласови.
Доколку СНС победи на изборите, Вучиќ би станал премиер и би го продолжил своето речиси 14-годишно владеење. Негов најсериозен противник на изборите е Студентската листа, формирана по двегодишните антивладини протести предводени од студентите.
„Тие самите се залажуваат со приказната дека ќе победат, а нивните лидери знаат дека губат“, изјави Вучиќ за провладината телевизија „Пинк“.
„Тоа се бајки и приказни за мали деца. Разликата ќе биде толку голема што ќе бидат шокирани, најмалку 400.000 гласови“, додаде Вучиќ.
Право на глас на изборите закажани за 25 октомври имаат 6,45 милиони граѓани на Србија.
Опозицијата, студентите и невладините организации предупредуваат на можни изборни злоупотреби, наведувајќи дека не се спроведени бројни препораки на ОБСЕ за ревизија на избирачкиот список и подобрување на изборниот процес.
Вучиќ, пак, возврати со контраобвинувања.
„Нема да направиме апсолутно ништо, освен што нема да ви дозволиме да ја украдете изборната волја на народот. Нема да ви дозволиме да крадете вреќи со гласови и записници, нема да ви дозволиме да украдете ниту еден единствен глас во Србија“, истакна Вучиќ.








