Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најавува значајни подобрувања во Зоолошката градина во Скопје со нови живеалишта, подобри услови за животните и обнова на инфраструктурата, со цел ЗОО Скопје да стане водечки центар за едукација и заштита на природата.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски истакна дека со силна посветеност и конкретни дела се модернизира скопската Зоолошка градина.
– Скопје заслужува Зоолошка градина со која ќе се гордее, а животните заслужуваат квалитетни услови, стручна грижа и достоинствен третман. Изминатиот период интензивно работиме на реновирање на постојните и изградба на нови живеалишта. Заменети се крововите, поставени се нови огради кај лавовите и дополнителни заштитни огради. Изграден е моторички парк за најмладите, а се обновува и платото пред Зоолошката градина. Нашите заложби се насочени и кон збогатување на животинскиот свет со нови видови, со соодветни живеалишта и услови приспособени на нивните потреби. Секој чекор мора да биде воден од грижата за животните и од одговорноста што ја имаме кон нив. Како што ветивме, работиме ЗОО Скопје да прерасне во водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните. Создаваме подобри услови за животните, посетителите и вработените, со нови содржини кои ќе ја направат секоја посета побогата, поубава и поучна – изјави Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски изрази благодарност до целиот тим, на вработените и на раководството на Зоолошката градина за вложениот труд, посветеноста и љубовта кон животните.
– Вашата секојдневна грижа е основата врз која ја градиме оваа нова приказна. Овој месец ЗОО Скопје одбележува еден век постоење. Овој голем јубилеј го пречекуваме со работа и со цврста решителност обновата да продолжи. Заедно, ја градиме иднината на ЗОО Скопје, со цел да биде една од најдобрите зоолошки градини на овие простори – рече Ѓорѓиевски.











