Мицкоски нема да ги напушти преговорите туку ќе ги засили барањата за средби со Бугарите: Нема да бидеме жртва на емотивни реакции, бегалецот и бегалката ќе одговараат

Макфакс

16/10/2026

12:50

195

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека нема да ги напушти преговорите со Бугарија, туку ќе ги засили барањата за средби со цел решавање на проблемите по бегството на Ива Михаилова во Бугарија, а заверките и доказите од истрагата ќе бидат делени со НАТО партнерите.

Бегството на Ива Михаилова во Бугарија среде судски процес во кој е осомничена за сообраќајка со смртни последици и тензијата што ја предизвика меѓу двете земји, премиерот, Христијан Мицкоски, вели дека нема да го премисли за процесот на евроинтеграција. Тој денес најави дека ќе ги интензивира барањата за средби со Бугарите за да се бара решение за проблемите, а рече и дека доказите од истрагата за бегството на Михаилова ќе бидат покажани на партнерите во НАТО кога ќе заврши истрагата.

„Ние имаме истрага и дозволете да ја завршиме истрагата, а потоа дел од тие докази кои што ќе ги имаме во истрагата прво ќе ги презентираме пред нашите партнери во НАТО за да покажеме како се однесуваат партнерски земји во НАТО. Овој упад кој што е направен и буквално е киднапирано лице коешто сега е бегалец од правдата, нема вака да заврши. Вака едноставно нема да заврши. Но ние исто така нема да дозволиме да бидеме жртва на емотивни реакции. Ние ќе продолжиме со она што е наш интерес, а тоа е процесот на евроинтеграции и нема да ги напуштиме преговорите, напротив, ќе ги засилиме нашите барања за средби, за дијалог и барање решенија“, рече премиерот Мицкоски.

Тој смета дека со одговорот на бугарските власти дека нема да ја екстрадираат Михаилова,  паднале во вода координираните напади од Бугарија и од нашата опозиција дека бегството било договорено. Премиерот по распишаната потерница очекува во земјава да се врати не само Михаилова туку нејзиниот татко, кој е правосилно осуден.

„Ние имаме свои алатки, свои механизми како да се бориме на меѓународна сцена, но повторно ќе го кажам она што го кажав и вчера, дека овој неуспешен обид нанесе голема штета, дипломатска штета на владата во официјална Софија, но тоа е нивен проблем. Наш проблем е бегалецот од правдата и бегалката да ги изведеме пред лицето на правдата, и јас вчера кажав, ќе го повторам тоа, дека кога-тогаш тоа ќе се случи“, рече денес премиерот Мицкоски по отворањето на новото училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Ченто.

Премиерот Мицкоски вчера изрази жалеење што бугарските политичари прават естрадна ѕвезда од Михаилова и на јавноста и порача дека кога – тогаш ќе одговараат и таа и нејзиниот татко.