Претседателот Христијан Мицкоски информира за напредокот во изградбата на два гасоводни интерконектори кои се очекува значително да го зголемат гео-стратешкото значење на Македонија и да придонесат за развој и модернизација на енергетскиот сектор.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на гасификацијата до каде е процесот, кој ќе биде бенефитот за граѓаните и кога може да се очекува да заврши, изјави:
„Во овој момент како никогаш до сега, се градат два гасоводни интерконектори, едниот со нашиот јужен сосед, другиот со нашиот северен сосед. Едниот очекувам да биде синхронизиран и пуштен во употреба до крајот на првата половина од следната година, а другиот очекувам до крајот на 2028 година да биде целосно синхронизиран. Со што драматично, кога велам драматично, драматично ќе се зголеми гео-стратешкото значење на Македонија како земја, а од друга страна, овие два гасоводи ќе значат можност за инвеститори коишто би сакале да инвестираат во производни капацитети на електрична енергија коишто го користат гасот како погонско гориво. Но тоа ќе значи и можност за нас, кога ќе стане збор за реконструкција и модернизација на термоелектраните коишто користат јаглен како погонско гориво, да можеме да направиме конверзија на гас и така да ги зачуваме работните места и така да ги зачуваме тие објекти да продолжат да произведуваат.“
Во однос на конверзијата, кога ќе се случи тоа, претседателот Мицкоски додаде:
„Па тоа веќе трае, АД ЕСМ веќе разговара со Светска банка и мислам дека многу скоро ќе имам многу убави вести за тој проект.“








