Стаменкоска Трајкоска на терен во Црниче: Директниот разговор со граѓаните носи најдобри решенија

Макфакс

16/10/2026

10:50

209

Големина на фонт

а а а

Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска одржа средба со жителите на урбаната заедница Црниче во Општина Кисела Вода, каде се дискутираа досегашните инфраструктурни зафати и новите барања за подобрувања во инфраструктурата, јавниот превоз и безбедноста во населбата.

Стаменкоска Трајкоска на терен во Црниче: Директниот разговор со граѓаните носи најдобри решенија

Во рамките на континуираниот циклус теренски посети низ сите месни и урбани заедници во Општина Кисела Вода, градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со раководителите на секторите од општинската администрација, оствари работна средба со жителите на урбаната заедница Црниче.

На средбата беше направен пресек на досегашните инфраструктурни зафати. Присутните упатија благодарност за реконструкцијата на скалите кои водат од улицата „Црниче“ кон улицата „Партение Зографски“, како и за редовното одржување на јавната хигиена во населбата, известуваат од Општината.

„По освртот на сработеното, дискусијата се насочи кон идните приоритети. Во делот на новите барања, граѓаните побараа Општината да интервенира до ЈП „Водовод и канализација“ за решавање на проблемот со квалитетот на водата на линијата од улицата „Серска“ кон „Востаничка“, како и за изградба на нова водоводна линија од улицата „Христо Узунов“ кон „Востаничка“.

Жителите побараа и интервенција до МВР за засилени контроли околу паркирањето на улицата „Рилски Конгрес“, а беше побарано и Општината да упати барање до ЈСП за воведување на нова автобуска линија со број 6, со цел полесен транспорт до останатите делови на градот.

Дополнително, граѓаните побараа поставување легнати препреки на улицата „Востаничка“, изградба на тротоар на „Серска“, асфалтирање на улицата „Банско“ и нејзино спојување со „Полог“, како и поставување нова линија за осветлување кај скалите до старата печатница.

Меѓу изнесените барања се најдоа и разгледување на можноста за поставување зонско паркирање во УЗ Црниче, редовно миење на поголемите улици во населбата, како и реконструкција на спортските и детските реквизити во подрачното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“ заедно со изградба на нова спортска сала.

Сите изнесени барања и предлози беа детално нотирани од страна на стручните општински служби со цел нивно вметнување во програмите за работа и ефикасно решавање. Теренските средби продолжуваат и во наредниот период низ целата општина“, се наведува во соопштението на Општина Кисела Вода.