„Ве сакам сите“: 19 години ехо на една вечна љубов

Макфакс

16/10/2026

11:50

127

Големина на фонт

а а а

Се одбележуваат 19 години од трагичната смрт на Тоше Проески, еден од најголемите музички таленти од Македонија, кој остави длабок белег со својата музика и пораки за љубов и хуманост. Во негова чест се одржува маратон од Нова Градишка до неговото вечно почивалиште во Крушево.

Денес се навршуваат 19 години од денот кога во трагична сообраќајна несреќа кај Нова Градишка прерано згасна животот на Тоше Проески – човекот кој со својот ангелски глас, искрена насмевка и огромно срце ја обедини цела Македонија и регионот.

Иако времето поминува, неговиот лик и неговото дело остануваат недопрени од заборавот. Тоше не беше само музичка ѕвезда со вонсериски талент; тој беше симбол на скромноста и хуманоста. Неговата позната порака „Ве сакам сите“ не беше само обичен поздрав, туку искрена филозофија според која живееше и го делеше својот дар со светот.

Преку своите изведби на „Цреша“, „Зајди, зајди“, „Игри без граници“ и многу други, тој задри длабоко во душите на генерации луѓе.

Дел од живата традиција и споменот за него е и традиционалниот маратон, кој годинава по 19-ти пат го трчаат 14 учесници од Нова Градишка сè до неговото вечно почивалиште на Гумење во Крушево. Со истрчани стотици километри низ Хрватска и Македонија, маратонците и оваа година на самиот ден од годишнината пристигнуваат во Крушево, пренесувајќи ја пораката дека љубовта и почитта кон Тоше немаат граници.

Во чест на Тоше Проески, и годинава се одржува традиционалниот маратон од Нова Градишка до Крушево, по 19-ти пат, со учество на 14 маратонци. Тие денеска, на годишнината од неговото загинување, треба да пристигнат во Крушево, каде што крајната цел е неговото вечно почивалиште на Гумење.