Најголем дел од здравствените работници се свесни дека има корупција, но само мал дел од нив пријавуваат

Макфакс

15/10/2026

13:30

174

Големина на фонт

а а а

Повеќе од 160 здравствени работници и соработници од целата држава минаа низ регионални обуки за борба против корупција во здравството. На обуките учествуваа доктори, медицински сестри, акушерки, психолози, социјални работници и административен персонал, а се одржаа во осум градови во сите плански региони во Македонија.

Ова е дел од активностите за зголемување на капацитетите на медицинскиот персонал да ги препознава сите форми на корупција и да се вклучи во нивното спречување, а се одржа во рамки на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“, кој го спроведува Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

„Целта е да се зајакнат знаењата и практичните капацитети на учесниците за професионално и етичко постапување, препознавање на корупциските ризици и различните форми корупција, разбирање на нивната родова димензија, како и соодветно реагирање и користење на механизмите за пријавување. Преку практични примери, дискусии и интерактивна работа, учесниците ги поврзаа овие теми со секојдневната професионална практика, а работеа и на унапредување на професионалните стандарди, еднаквиот третман на пациентите и интегритетот во здравствените установи“, изјави Борјан Павловски од Здружението ЕСЕ.

Најголем дел од здравствените работници се свесни за присуството на коруптивните практики, но само мал дел од нив реагираат или ги пријавуваат случаите, покажа истражувањето на Здружението ЕСЕ , спроведено на крајот на 2025 година.

Речиси 84 отсто од здравствените работници сметаат дека корупцијата е делумно или многу распространета во секторот во кој работат, но само седум отсто од оние кои имале сознанија за корупција, го пријавиле случајот.

„Верувам дека за оваа тема треба да се зборува многу повеќе, со цел да се подигне свеста, да се зајакне меѓусебната доверба и здравствените работници сè похрабро да ги препознаваат и пријавуваат сомнежите за корупција. Притоа, од особена важност е да постои ефикасен систем кој ќе ги заштити пријавувачите, ќе обезбеди секоја пријава да биде темелно, независно и правично испитана, и кога ќе се потврдат неправилностите, ќе овозможи преземање соодветни мерки за да се спречи повторување на ваквите случаи“, смета д-р Нина Близнаковска Стојковиќ, матичен лекар од Куманово.

Здравствените работници ја оценија обуката како корисна и применлива во нивната секојдневна работа, особено во делот на препознавање на корупциски ризици, родовите аспекти на корупцијата, сексторцијата, еднаквиот третман на пациентите и механизмите за пријавување и заштита.

„Голем дел од колегите првпат се сретнаа со некои форми корупција, како сексторцијата, и со тоа полесно ќе можат да ја препознаат и оваа форма на корупција. Корупцијата не е само институционален предизвик, туку и прашање на професионална етика, лична одговорност и доверба. Наша цел е да ја зајакнеме свеста дека секој здравствен работник има важна улога во градењето транспарентен, правичен и одговорен здравствен систем. Борбата против корупцијата е наша заедничка одговорност, а секој пациент заслужува еднаков, правичен и достоинствен третман“, истакна д-р Горан Андонов, специјалист по медицина на труд вработен во ЈЗУ Здравствен дом „Д-р Панче Караѓозов“ Штип.

„Дискусиите беа толку живи, а потребата да се споделат искуствата, проблемите и дилемите толку голема, што се доби впечаток дека сите едвај чекале да го кажат она што долго го носеле во себе. Тоа ми покажа дека постои реална потреба од вакви едукации како можност за отворен, но и конструктивен разговор. Особено важен момент за мене беше кога сосем случајно дознав дека едукацијата не завршила со последниот слајд, туку оставила впечаток на учесник, кој потоа содржините ги прераскажал на својата сопруга. За мене тоа е вистинската вредност. Да се поттикне размислување и разговор кој продолжува да живее и надвор од конференциската сала“, вели д-р Наташа Илијоска, матичен лекар од Прилеп.

Здружението ЕСЕ го спроведува проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ со поддршка на Expertise France преку Agence française de développement. Станува збор за национална иницијатива која се темели на три главни активности – обуки на здравствените работници за зајакнување на нивната улога во борбата против коруптивните практики, зголемување на свеста на граѓаните за препознавање и пријавување корупција, како и реформа на политиките и процесите во здравството.