Македонскиот писател Киро Донев е првиот наш автор номиниран за престижната меѓународна книжевна награда „Астрид Линдгрен“ за литература за деца, што ја потврдува неговата значајна улога во светската детска книжевност и популаризацијата на македонската литература.
Киро Донев е првиот македонски писател номиниран за некоја од двете најголеми книжевни награди во светот за литература за деца – „Астрид Линдгрен“ и „Ханс Кристијан Андерсен“.
Попладнево, Комитетот за доделување на Меѓународната меморијална награда „Астрид Линдгрен“ во Стокхолм, ги соопшти номинираните кандидати за наградата за 2027 година. Меѓу нив е и македонскиот писател Киро Донев, ексклузивен автор на „Македоника литера“.
Листата опфаќа автори и илустратори, како и раскажувачи и промотори на читањето, како и организации кои ги популаризираат книгата и читањето.
Добитникот ќе биде објавен на 6 април 2027 година на Меѓународниот саем на книгата за деца во Болоња, Италија.
Бидејќи во Македонија нема национална секција на The International Board on Books for Young People (IBBY), како овластен предлагач на кандидати за двете споменати награди, Киро Донев, во мај годинава, беше предложен од Институтот за детска книжевност од Белград (https://childrenliterature.org/en/) кој е овластен предлагач на кандидати од регионот.
Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на педесетина книги за деца: романи, раскази, гатанки, повести, пиески, стихозбирки и сликовници. Тој е еден од најпопуларните и најчитаните македонски автори, не само кај писателите за деца, туку воопшто во македонската литература. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици и тој е меѓу најпреведуваните македонски писатели за деца.
Киро Донев пишува и ТВ и радиодрами, текстови за сликовници за најмладите, сценарија за играни ТВ серии, составил неколку антологии… Повеќепати е наградуван, а највисоки признанија од областа на литературата му се наградата „Ванчо Николески“, доделена од Друштвото на писателите на Македонија, „Гоцева повелба“ на манифестацијата „Гоцеви денови“, наградата „Мала вила“ на 21 Меѓународен детски фестивал „Везени мост“ во Тузла, Босна и Херцеговина.
Дел од неговото творештво, претежно романи, се преведени на турски, српски/хрватски/босански, бугарски, унгарски, украински и албански јазик, а негови песни и раскази се објавени на многу јазици.
Долг период (од 1970 г.) е член на Друштвото на писателите на Македонија. Живее во родното Моноспитово, Струмичко.












