Шина Ситнер (42), заменска наставничка од американската сојузна држава Мисури, тврди дека останала без работен ангажман откако училишните власти дознале за нејзиниот профил на „Онлифенс“. Две години работела како заменска наставничка во училишниот округ Парквеј, во предградие на Сент Луис, преку агенција за вработување. Таа тврди дека агенцијата потоа престанала да ѝ нуди работни ангажмани.
„Онлифенс“ ѝ бил начин да заработува повеќе
Ситнер во разговор за „Вашингтон пост“ објаснила дека почнала да создава содржини за „Онлифенс“ од финансиски причини. Студира криминалистика, а трошоците за студирање и студентските кредити со текот на времето станале сè поголеми.
Според нејзините зборови, еден од менаџерите на агенцијата ѝ рекол дека до нив стигнале поплаки поврзани со нејзините активности на интернет.
Разликата меѓу нејзините приходи од двете работни места била голема. Како заменска наставничка заработувала 140 долари (околу 120 евра) дневно, додека истата сума на „Онлифенс“ ја заработувала за приближно еден час.
„Тоа нѝ донесе значително подобрување на финансиската состојба“, изјавила Ситнер. Таа е мажена и мајка на три деца на возраст од 22, 18 и девет години. Нејзиното најмало дете посетува основно училиште во кое и самата работела.
Својата одлука дополнително ја објаснила во разговор за локална телевизиска станица.
„Кога наставниците би биле подобро платени, жените не би морале да прибегнуваат кон создавање содржини на интернет. Сексот продава“, изјавила таа.
Училиштето тврди дека таа не била нивна вработена
Од училишниот округ Парквеј нагласиле дека Ситнер не била нивна директна вработена. Таа работела преку агенцијата „Кели Сервисис“ (Kelly Services), која ја ангажирала како заменска наставничка и во текот на минатата учебна година ја распоредила во едно од основните училишта во округот.
„Шина беше ангажирана од агенцијата Кели Сервисис како заменска наставничка, а минатата учебна година беше распоредена во едно основно училиште во округот. За конкретни прашања во врска со нејзиното вработување или работниот статус, ве упатуваме да се обратите до агенцијата Кели Сервисис“, соопштиле од училишниот округ.

Се огласиле и од „Кели Едукејшн“ (Kelly Education), нагласувајќи дека безбедноста на учениците им е приоритет. Тие порачале дека сериозно ги сфаќаат сите поплаки што се однесуваат на нивните вработени и дека соработуваат со училишните окрузи за да одговорат на нив брзо и соодветно.
Смета дека ѝ е загрозена слободата на говорот
Ситнер тврди дека успевала да ја одвои работата во училиштето од содржините што ги објавувала приватно. Таа смета дека била казнета поради своите активности на интернет, кои не се поврзани со нејзината работа во училиштето.
„Искрено верувам во слободата на говорот. Осудувањето со кое се соочуваат жените поради објавувањето содржини на интернет е апсолутно ужасно“, изјавила таа.
Таа вели дека била свесна оти нејзините содржини, кои ги објавувала повеќе од две години, еден ден би можеле да бидат откриени. Сепак, не очекувала дека поради тоа ќе ја изгуби можноста да работи во училиштето што го посетува и нејзиното дете.

„Луѓето велат: ’Па, веројатно не предаваш поради платата‘. Тоа е точно, но сметките не престануваат да пристигнуваат само затоа што ја сакате својата работа. На банките тоа не им е важно“, истакнала Ситнер.
Целата ситуација имала и неочекувана последица. Ситнер вели дека по објавувањето на приказната за нејзиниот отказ во јавноста, популарноста на нејзиниот профил на „Онлифенс“ нагло пораснала.
Нејзиниот сопруг, кој исто така снима содржини со неа, морал да го намали обемот на сопствената работа за да можат заедно да одговорат на зголемениот интерес и побарувачката.










