Зошто има сè повеќе случаи на рак кај помладите од 50 години?

Точка

14/10/2026

20:22

485

Големина на фонт

а а а

Во Латинска Америка, но и во други делови од светот, расте бројот на случаи на рак кај лицата помлади од 50 години. Научниците сè уште истражуваат дали станува збор за вистински пораст на бројот на заболени или за подобро откривање на болеста.

Бројките се впечатливи. Во одредени случаи стапките на заболување од рак се удвоиле во последните дваесет години. Сепак, сè уште не е сосема јасно дали станува збор за вистински пораст на бројот на заболени или денес се откриваат повеќе случаи во рана фаза благодарение на поголемата свесност, подобрата дијагностика и напредокот во лекувањето, пренесува „Deutsche Welle“.

Пример за тоа е колоректалниот рак, односно ракот на дебелото црево. Во Англија во 2001 година оваа дијагноза ја добивало приближно едно лице помладо од 50 години на 26.000 жители. До 2023 година тој сооднос пораснал на околу едно лице на 12.000 жители.

До овие податоци дошол Меѓународниот фонд за истражување на ракот („WCRF“), мрежа на добротворни организации што ги анализирала регистрите на заболени во Англија, Соединетите Американски Држави и Холандија. Утврдено е дека само во Англија бројот на нови случаи пораснал кај седум видови рак.

Сепак, како што предупредува епидемиологот Ејми Берингтон де Гонсалес од Институтот за истражување на ракот во Лондон, вкупниот број случаи кај младите и натаму е релативно мал.

„Ракот и натаму е многу редок кај младите луѓе“, вели таа за „DW“. „Дури и кога мал број ќе го зголемите тројно, тој и понатаму останува мал.“

Сепак, научниците сакаат да разберат зошто се случува тоа, бидејќи сличен тренд се забележува низ целиот свет.


Сè повеќе случаи во Латинска Америка

Студија објавена во 2025 година анализирала податоци од регистрите на заболени во 50 земји и територии до 2017 година. Покажала дека бројот на случаи на рак на дебелото црево кај помладите лица растел во 27 региони.

Во Латинска Америка пораст е забележан во Чиле, Аргентина, Еквадор, Костарика и Порторико. Чиле се издвоил меѓу земјите со најбрз раст, од речиси четири отсто годишно.

Во Бразил податоците доаѓаат од болниците. Во Центарот за лекување рак „A.C. Camargo“ во Сао Пауло, бројот на пациенти помлади од 50 години со рак на дебелото црево растел меѓу 2000 и 2023 година со стапка од 7,6 отсто годишно. Тоа претставува речиси петкратно зголемување. Бројот на постари пациенти растел дури и нешто побрзо.

Меѓутоа, бидејќи податоците доаѓаат од една установа, тие не докажуваат дека истиот тренд се бележи во целиот Бразил. „Потребни ни се подобри системи за регистрирање на ракот“, вели Берингтон де Гонсалес, особено во земји како Бразил и Мексико, каде што истовремено е забележан пораст на дебелината.

Марк Гантер, професор по епидемиологија на ракот на Империјал колеџот во Лондон, смета дека Латинска Америка би можела да го следи трендот на поразвиените земји како што исхраната сè повеќе се приближува до западниот модел, а начинот на живот станува сè помалку активен.


Шест видови рак што најчесто ги погодуваат помладите возрасни лица

Во друга студија од 2025 година, Берингтон де Гонсалес анализирала податоци од 42 земји.

Биле споредени податоци за лица на возраст од 20 до 49 години и за оние постари од 50 години во периодот од 2003 до 2017 година.

Кај помладите групи раст е забележан кај шест видови рак:

• рак на тироидната жлезда

• рак на дојката

• рак на дебелото црево

• рак на бубрезите

• рак на матката

• леукемија

Кај сите, освен кај ракот на дебелото црево, раст е забележан и кај постарите возрасни лица.

Колоректалниот рак особено се издвојува. Во околу една третина од анализираните земји растот кај помладите бил побрз отколку кај постарите.

„Тоа е единствениот рак за кој се чини дека расте кај помладите луѓе, додека истовремено опаѓа кај постарите“, вели Берингтон де Гонсалес.


Дали причината е подоброто откривање на болеста?

Една американска студија за ракот на панкреасот кај лица на возраст меѓу 15 и 39 години покажала дека речиси целиот пораст се однесува на тумори откриени во рана фаза. Истовремено, стапката на смртност останала непроменета.

Авторите сметаат дека тоа укажува на подобра дијагностика, а не нужно на поголем број заболени.

Кај ракот на дебелото црево ситуацијата изгледа поинаку. Одредени американски студии покажуваат пораст и на напреднатите форми на болеста, што упатува на заклучокот дека расте бројот на заболени, а не само бројот на откриени случаи.


Врската меѓу ракот и дебелината

Дебелината е потврден фактор на ризик за најмалку 13 видови рак, според податоците на Меѓународната агенција за истражување на ракот при Светската здравствена организација.

Преглед на научни истражувања објавен во 2021 година покажал дека младите возрасни лица со дебелина имаат речиси двојно поголем ризик да развијат рак на дебелото црево пред 50-годишна возраст.

Истовремено, дебелината најбрзо расте токму кај помладите генерации. Според податоците на Светската здравствена организација, од деведесеттите години бројот на возрасни лица со дебелина се удвоил, додека кај адолесцентите се зголемил четирикратно.

Важна улога имаат и навиките во исхраната:

• преработеното месо се смета за канцерогено

• алкохолот претставува фактор на ризик

• исхраната богата со влакна го намалува ризикот од рак

Некои научници предупредуваат и на можните последици од ултрапреработената храна и микропластиката, но доказите засега не се доволно цврсти.

„Има многу помпа околу тоа“, вели Гантер. „Потребни се уште истражувања.“

Берингтон де Гонсалес се согласува. „Начинот на исхрана се промени, но сè уште не знаеме каква точно улога има тоа.“


Како младите можат да го намалат ризикот?

Марк Гантер предупредува дека поединците не би требало да ја сносат целата одговорност за животот во општество што поттикнува консумирање готова храна и седечки начин на живот.

Трајните промени, смета тој, бараат јавноздравствени политики. Сепак, постојат чекори што секој може да ги преземе:

• одржување здрава телесна тежина

• повеќе физичка активност

• зголемен внес на овошје, зеленчук и влакна

• помалку преработено месо

„Прошетки, повеќе движење, повеќе овошје и зеленчук. Тоа можеби не е особено модерно, но е навистина важно“, вели Гантер.

Пораката на Ејми Берингтон де Гонсалес за триесетгодишниците сепак е смирувачка: ракот на помлада возраст и натаму е релативно ретка појава.