Лебот се прави со помош на 57-годишна стара култура. Брашното се испорачува од Австрија, а Ауер посветува посебно внимание на процесот што е развиен во неговото семејство со генерации.
Австрискиот пекар Мартин Ауер неодамна отвори пекарница во њујоршкиот кварт Сохо, нудејќи органски 'ржан леб со природен квасец, и сето тоа не би било изненадувачки доколку луѓето не чекале ред пред пекарницата за да платат дури 60 долари, или околу 52 евра, за еден леб.
Секој леб тежи еден и пол килограм. Лебот се пече во печка од два тона увезена од Германија.

„Лебот е добро прифатен“, изјавил Тим Ауер, син на Мартин Ауер, основач на пекарницата „Rye“. Семејството од Грац води семеен бизнис веќе три генерации. Тие имаат 45 продавници во Австрија.
„Помисливме - ајде да го донесеме она во што сме навистина добри во Њујорк“, изјавил Ауер. Можете да купите парче од нивниот 'ржан леб со комбинација од намази и додатоци како што се путер и праз, икра од лосос или џем од кајсии.
Пекарницата прво го привлече вниманието на јавноста поради својата цена, а нејзиното отворање во септември првично предизвика многу негативни реакции на Инстаграм. Ауер изјавил дека го разбира „бесот“ околу цената.

Но, тој објаснил дека лебот се прави со помош на 57-годишна стара култура. Брашното се испорачува од Австрија, а Ауер посветува посебно внимание на процесот што е развиен во неговото семејство со генерации. 'Ржта е потешка за обработка од пченицата и бара поинаков пристап за да се добие посакуваната текстура и вкус.
„Повеќето од оние што оставиле коментари никогаш не биле во Њујорк“, изјавил тој, додавајќи дека немало негативни реакции во самиот Њујорк.
„Ова е еден од најскапите градови во светот, една од најскапите улици во тој најскап град. Сите тие прво треба да погледнат колку чини еден стан тука. Цената е дел од целиот концепт на луксузно гастрономско искуство“, додал тој.

Ауер вели дека сите состојки за лебот се увезуваат, па дури и продажниот шалтер е направен од дрво од австриската покраина Штаерска. Но, мора да се признае дека овој леб не е евтин, дури ни според стандардите на Њујорк.
Обичен леб во овој град од милиони луѓе чини само неколку долари во просек, а занаетчискиот леб од квасец е достапен во многу пекари за помалку од 20 долари.
'Ржаниот леб е основна намирница во Австрија и Германија, но многу помалку се консумира во Соединетите Американски Држави. Во исто време, Њујорк со години доживува „бум“ во занаетчиските пекари и лебот од квасец.












