Перуанецот со необично име, Хитлер Мусолини Симеон Флорес, е избран за градоначалник на мал град во подножјето на планините Анди, по тесната победа на локалните избори, пренесува „Euronews“.
Флорес се кандидирал за градоначалник на Кверопалка, град во провинцијата Лаурикоча, во департманот Уануко, северно од Лима, како кандидат на левoцентристичката партија „Ахора Национ“.
Тој освоил 229 гласа, односно 34,5 отсто од вкупно 663 важечки гласа. Неговиот најблизок ривал, Гаспар Бенилде Осорио Замбрано, од партијата „Национална преродба на Перу“, освоил 204 гласа, односно 30,8 отсто.
Според официјалните податоци од 2024 година, овој град има нешто повеќе од 730 жители.
Симеон Флорес е и раководител на инвестициската група „Simeon Sac“, со седиште во местото Пилко Марка, во истиот департман.
Гласањето се одржало во рамките на регионалните и локалните избори низ Перу, по победата на десничарската политичарка Кеико Фухимори на претседателските избори во земјата.
🚨🇵🇪 BREAKING — Hitler Mussolini:
Hitler Mussolini Flores elected Mayor of Queropalca, Peru, securing 34.54% of the vote. https://t.co/hchskpwYBI
— Pamphlets (@PamphletsY) October 9, 2026
Ова не е првпат политичар по име Хитлер да ја добие довербата на гласачите во оваа јужноамериканска држава.
Хитлер Алба, кандидат на десноцентристичката партија „Ние сме Перу“, беше градоначалник на друго мало место во Андите, Јунгара, од 2011 до 2014 година.
На изборите во 2018 година се соочи со Ленин Владимир Родригез Валверде, кој се обиде да ја оспори валидноста на неговата кандидатура. Сепак, Алба ги победи останатите кандидати, освојувајќи 47,7 отсто од гласовите.
Самиот се нарекуваше „добриот Хитлер“, а кампањата ја водеше со слоганите „Хитлер се враќа“ и „Хитлер со народот“.
Тогаш изјави дека неговиот татко, кога му го дал името, не знаел за наследството на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер.
Поврзани случаи
Во Намибија, во 2025 година, маж по име Адолф Хитлер повторно го привлече вниманието на јавноста откако петти пат по ред победи на локалните избори.
Во перуанскиот Конгрес, од 2021 година до смртта во 2024 година, беше и пратеникот и хирург Хитлер Сааведра, член на партијата „Ние сме Перу“. Почина на 46-годишна возраст.
Во Перу не е невообичаено родителите да им даваат на децата имиња на историски личности или други необични имиња, без оглед на негативните или контроверзните асоцијации што тие можат да ги предизвикаат.









