Прашањето „Зошто ги третирате возрасните синови како деца?“, поставено на хрватскиот дел на Редит, поттикна голема расправа. Корисничката во објавата раскажала искуство од работното место и побарала објаснување за однесувањето што го забележала кај својата колешка.
„Имам колешка, мајка на неколку полнолетни синови. Нејзиниот однос кон нив, според моите сфаќања, е болен и изопачен“, напишала авторката на објавата и го споредила тоа со односот кон својот син, студент кој е самостоен.
„За време на осумчасовното работно време, мобилниот телефон ѝ ѕвони на секој половина час, секој ден. Таа им закажува лекарски прегледи на возрасни луѓе на возраст од 20 до 30 години, им дава упатства каде им е облеката, им се јавува и проверува дали се разбудиле, им купува сè, од игла до локомотива, и паничи секогаш кога некаде ќе отпатуваат“, опиша таа. „Синовите не знаат ништо да направат сами. Затоа се прашувам зошто мајките, не сите, ги претвораат синовите во неспособни поединци, на кои подоцна сопругата во бракот им станува како втора мајка, бидејќи самите не знаат ништо да направат?“, заклучи таа.
Објавата собра бројни коментари, а еден од најпопуларните нуди објаснување што често може да се слушне: „Типично балканско воспитување. Строги кон ќерките, благи кон синовите. И потоа луѓето растат и се чудат како жената е целосно самостојна и не ѝ треба сопруг, додека синот е неспособен и не бара жена, туку друга мајка“.

Други корисници сметаат дека проблемот е подлабок и дека станува збор за надоместување на лошиот однос со сопругот. „За многу мајки, синот станува замена за сопруг. Од него го бараат вниманието што никогаш не го добиле од сопругот“, стои во еден коментар.
Дел од корисниците ја гледаат одговорноста и кај мажите. „Делумно и ние, мажите, сме виновни за тоа“, пишува еден од нив и го опишува машкото сфаќање на просечниот брак: „Сита е, најадена е, децата се здрави, се работи, се има. Добро ѝ е штом молчи“. Некако, луѓето на бракот гледаат како на некаква цел што треба да се постигне. Се оженивме, сега да почнеме да правиме нешто друго“.
Друг коментатор истакнува дека таткото можел да ги поправи работите. „Секој син има двајца родители. Таткото сосема комотно можел да ги научи своите синови како да закажуваат преглед кај лекар и да им каже да се осамостојат. Кога мајката веќе потфрлила во тоа, таткото можел да ги поправи работите“.

Една корисничка ја споделила приказната за својот брат, кој во дваесеттите години бил токму таков. „Беше потребно блиските пријатели да му се потсмеваат, откако мајка нѝ пред целото друштво го прашала што сака за појадок, а тој имал 26–27 години. Дефинитивно одеше во насока да стане ‘инсел, со ужасно високи критериуми за жените, додека сопствените недостатоци не ги забележуваше“,
„Со години го предупредував: ако некогаш ја најде таа, за него совршена жена, што точно има тој да ѝ понуди? Зошто која било успешна, остварена и интелигентна жена би сакала маж околу кого треба да трча и да се грижи како да е дете?“, напиша таа. „За среќа, тој сфати. Еве го сега во среќен брак, со дечиња, снаата ми е прекрасна, а тој повеќе не се преправа дека е малоумен и дека сè треба да му биде сервирано“.

Како една од причините се наведува и желбата на мајката да се чувствува потребна. „Ако ги направиш синовите неспособни, таа секогаш ќе им решава сè и емотивно ќе го добива она што ѝ е потребно“, гласи еден од заклучоците. Во расправата беше цитирана и мислата на една мајка: „Ако синот ме сака повеќе од својата сопруга, ќе знам дека сум згрешила како мајка“.