Дубаи и неговото економско закрепнување во голема мера зависат од враќањето на туристите.
Со децении, властите градеа имиџ на место заштитено од регионалните конфликти, но нападот на летот на „Флајдубаи“ кон Израел ја разниша довербата во безбедноста на една од најпознатите туристички дестинации во светот, пишува „Волстрит џурнал“.
Потсетуваме, како што соопштија властите на Обединетите Арапски Емирати, на летот 1073 копилотот го нападнал капетанот со секира од опремата за итни случаи, по што авионот почнал да паѓа. Патниците и членовите на екипажот успеале повторно да воспостават контрола над авионот.
Аналитичарите предупредуваат дека избегнувањето на авиопревозниците од Обединетите Арапски Емирати или патувањата во Дубаи би можело дополнително да ги погоди хотелите, рестораните и продавниците, кои веќе ги трпат последиците од војната во Иран.
Прашања за безбедноста
Главниот јавен обвинител на Обединетите Арапски Емирати во саботата го окарактеризира нападот, кој за малку ќе довел до пад на авионот, како терористички чин.
Според лица запознаени со случајот, на копилотот претходно му било забрането да лета во Оман поради загриженост дека прифатил радикални идеолошки ставови.
Фактот што и покрај тоа бил вработен во „Флајдубаи“ би можел да отвори прашања за безбедносните проверки во Обединетите Арапски Емирати.

„Флајдубаи“ во меѓувреме ги суспендираше летовите кон и од Израел. Засега нема знаци за поширок бран откажувања на патувања или пад на резервациите на другите линии. Експертите сметаат дека сè уште е рано да се процени дали инцидентот значително ќе влијае врз однесувањето на патниците, но истакнуваат дека големото меѓународно внимание што го привлече не оди во прилог на закрепнувањето.
Туризмот е сектор од клучно значење за економијата на Дубаи. Според студија на „Оксфорд економикс“, туризмот и воздухопловството во 2023 година генерирале 27 отсто од бруто-домашниот производ (БДП) на емиратот.
Дубаи, исто така, инвестира во големо проширување на својот втор аеродром, „Ал Мактум Интернешнл“. Проектот е вреден 35 милијарди долари, а отворањето е планирано за 2032 година, објави „Волстрит џурнал“.

Меѓутоа, проблемите на Дубаи стануваат сè поочигледни со објавувањето на новите статистички податоци. Меѓународниот аеродром во Дубаи, кој минатата година беше најпрометниот аеродром во светот според бројот на меѓународни патници, во првата половина на 2026 година забележал пад на патничкиот сообраќај од речиси една третина во споредба со истиот период претходната година.
Загрижувачки бројки
Годинава се очекуваат 70 милиони патници, што е значително помалку од предвоената прогноза од 99,5 милиони. „Капитал економикс“ предвидува пад на БДП на земјата од 1,5 отсто, како последица на фактот што војната го наруши извозот на нафта и го ослабе туризмот низ Обединетите Арапски Емирати.
Отежнато е и организирањето големи настани, додека некои луксузни хотели, вклучувајќи го и познатиот „Бурџ Ал Араб“, се затворени поради реновирање.

Бројни меѓународни авиокомпании напролет ги суспендираа летовите до октомври или подолго. Хонгконшката авиокомпанија „Катај Пацифик“ во понеделникот ја продолжи суспензијата на летовите кон Дубаи до крајот на јануари.
Последиците од конфликтот се видливи и во туристичките податоци. Во текот на првите осум месеци од 2026 година, Дубаи го посетиле 6,97 милиони меѓународни туристи кои оствариле најмалку едно ноќевање, во споредба со 12,54 милиони во истиот период минатата година.
Израелските туристи во последните години, исто така, станаа важен извор на туристичка побарувачка. Нивниот број нагло се зголеми по нормализацијата на односите меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати во 2020 година.

Според податоците на израелската амбасада, како што пишува „Волстрит џурнал“, до крајот на 2023 година Обединетите Арапски Емирати ги посетиле околу 1,2 милиони израелски туристи.
Меѓутоа војната со Иран го забави приливот на израелски туристи. Израелскиот совет за национална безбедност во март им препорача на граѓаните да избегнуваат летови со преседнување во Обединетите Арапски Емирати, додека по неодамнешниот напад беа суспендирани летовите меѓу Дубаи и Тел Авив.













