Ирската Премиер дивизија влегува во една од најнеобичните и највозбудливите завршници во историјата на првенството. Сент Патрикс Атлетик, Бохемијанс и Шамрок Роверс имаат по 59 бодови на врвот на табелата, а за работите да бидат уште поинтересни – сите три клуба доаѓаат од главниот град Даблин.
Во случај на еднаков број бодови, за шампионот одлучува гол-разликата, па така моменталниот лидер во првенството Сент Патрикс е со најдобра гол-разлика (+27), на второто место е Бохемијанс (+19), додека актуелниот шампион Шамрок Роверс е трет (+18).

Првите два клуба имаат уште по четири натпревари до крајот на сезоната, додека Шамрок е во блага предност бидејќи има натпревар помалку, односно пет средби за одигрување.
Она што е особено интересно е тоа што сезоната во Ирска завршува уште овој месец. Имено, во елитниот ранг на ирскиот фудбал настапуваат десет клуба, а секој тим во текот на сезоната одигрува 36 натпревари.

За разлика од повеќето европски лиги кои се играат од есен до пролет, ирското првенство се одржува во рамките на една календарска година. Оваа сезона започна на 6 февруари, а последното коло е закажано за 30 октомври.
Република Ирска премина на таканаречениот „летен фудбал“ во 2003 година. Главната причина за оваа голема промена, по децении играње од доцното лето до пролетта, беше обидот да се избегнат лошите временски услови и да се зачуваат терените. Исто така, целта беше да им се помогне на ирските клубови во европските натпреварувања, бидејќи квалификациите сега ги дочекуваат во топ-форма во средината на сезоната, додека многу од нивните европски противници ги започнуваат летните подготовки.







