Далиќ: Ми велеа дека сум „Среќковиќ“, мора да знаеме каде ни е местото!

Дерби

08/10/2026

06:51

667

Големина на фонт

а а а

Златко Далиќ после девет години ја напушти хрватската фудбалска репрезентаија како најуспешен селектор во историјата, па бидејќи тој постави навистина високи стандарди во националниот тим, лошите резултати на неговиот наследник брзо предизвикаа лавина од реакции.

Добар дел од хрватските медиуми експресно побараа отказ за Славен Билиќ откако „коцкестите“ беа понижени од Англија во Ријека со резултат 0:7, а трите порази на четири одиграни меча во Лигата на нации им даваат за право на аналитичарите да извлекуваат жестоки заклучоци во оваа рана фаза од новата ера.

Далиќ како нов селектор на Обединетите Арапски Емирати немаше можност да ги коментира последните случувања во репрезентацијата, но по крајот на овој циклус сега излезе со изјава и побара од цела хрватска јавност да се соочи со реалноста.

– Мораме да сфатиме дека Хрватска играше против прворангираната и треторангираната репрезентација во светот и дека тие селекции во моментов се подобри од нас. Нема потреба од создавање притисок, особено не врз основа на минатите успеси. Хрватска има освоено три медали на Светските првенства, а тоа е нешто што граничи со научна фантастика.

– На Светското првенство, оваа репрезентацијата покажа дека поседува способност и знаење против Португалија. Натпревар како оној против Англија може да се случи. И мене ми се случило такво нешто, загубив 6:0 од Шпанија во Елче како селектор. Има денови кога едноставно едвај чекате судијата да отсвири крај. Вам ништо не ви оди од рака, додека на противникот сè му оди како подмачкано. Едноставно мораме што побрзо да го оставиме тоа зад себе.

– Не сум разговарал со Славен Билиќ. Немавме можност за тоа бидејќи јас си имав свои проблеми, а тој свои. Знам дека станува збор за квалитетни играчи и дека Славен може да постигне големи работи со нив. Најважно е да ја прифатиме реалноста. Постојано го говорев ова додека бев селектор, но луѓето велеа дека имам среќа, ме нарекуваа „Среќковиќ“. Хрватска припаѓа меѓу најдобрите десет или петнаесет репрезентации во светот, сè повеќе од тоа е вистинско чудо. Мораме да знаеме каде припаѓаме, – потенцира Далиќ.