63 рудари во Косово заробени под земја; во тек е спасувачка операција

Макфакс

08/10/2026

06:53

315

Големина на фонт

а а а

Во рудникот „Трепча“ во Косово, 63 рудари се заробени под земја по дефект на електричната мрежа. Текот на спасувачката операција и состојбата на рударите се следи внимателно, додека властите организираат постепено извлекување.

Шеесет и тројца рудари од втората смена останаа заглавени вчера во рудникот „Трепча“ во Косово, по дефект на електричната мрежа. Според последните информации, дефектот бил предизвикан од изгорен трансформатор во „Првиот тунел“. Во тек е спасувачка операција, а рударите се безбедни.

Извлекувањето може да потрае

Ибрахим Јанузи, претседател на Синдикатот на рударите на „Трепча“, потврди дека точно 63 рудари се наоѓаат под земја. Иако првично се сметаше дека ги има 65, Јанузи појасни дека двајца излегле непосредно пред да настане дефектот.

Тој додаде дека во рудникот нема резервен трансформатор, што би можело да го одолговлечи процесот на извлекување. Командантот на противпожарната служба, Бурим Ибиши, изјави дека рударите се извлекуваат од 11-тото ниво и потврди дека целата операција може да потрае одредено време.

Министерката за економија, Артане Ризваноли, претходно соопшти дека рударите се во добра здравствена состојба и дека се организира нивно постепено извлекување преку евакуациска рута. Директорот на рудникот, Шуќери Садику, исто така потврди дека состојбата на рударите е стабилна, иако целиот објект е без електрична енергија. На терен се присутни раководството на „Трепча“, пожарникарите и косовската полиција.